Солун и Серес во целосен двонеделен карантин 


Грција – Во грчките градови Солун и Серес, од утре наутро се воведува целосен карантин, со дозволено движење за граѓаните само со испратена СМС порака, полициски час од 21 до 5 часот наутро, забрана за меѓународни и домашни летови, а единствено отворени ќе бидат само училиштата, јави дописничката на МИА од Атина.

Новите мерки ќе бидат во сила следните две седмици, а денеска ги соопшти владиниот портпарол Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите, кој рече дека ситуацијата во Солун и во одредени други региони, е „особено сериозна за јавното здравје.

Пецас објасни дека сегашниот „локален lockdown“ се разликува од општиот карантин пролетта по тоа што сите училишта ќе бидат отворени, додека, пак, сѐ друго ќе се затвори, вклучително и црквите.

– Исто како и во периодот на „општиот lockdown“, така и во случајот на „локален lockdown“ повторно се враќа потребата за испраќање СМС порака за сите движења. За периодот од 21 часот навечер до 5 часот наутро следниот ден, дозволени се движења само од професионални и здравствени причини. Во овој контекст, од утре се забранети домашните и меѓународните летови за неесенцијални потреби од и кон аеродромот „Македонија“ во Солун, објасни портпаролот на грчката Влада.

Пецас истакна дека Солун и Серес, треба да бидат пример за сите за почитување на мерките, особено за регионите што се во црвената зона.

Во однос на тоа колку Атика, поширокиот регион на Атина, е блиску до целосен карантин, Пецас објасни дека иако постои постепено зголемување на случаите, сепак ситуацијата не е како во Солун и Серес и изрази надеж дека нема да биде потребно и во други области да се воведе „локален lockdown“.

За само два дена, односно во текот на викендот, во Солун беа регистрирани 1.288 случаи од вкупно 3.734 во цела Грција.

Министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас утрово беше во Солун, од каде што порача дека на грчкиот премиер ќе му препорача да се преземат дополнителни мерки.