СОКОМ и НУБ ќе соработуваат за заштита и промоција на македонското музичко творештво
Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ потпишаа Меморандум за соработка кој предвидува ативности за заштита и промоција на македонското музичко творештво оставено како наследство од генерации композитори и творци.
Како што соопшти СОКОМ, Меморандумот за соработка, потпишан од претседателката на СОКОМ, проф. д-р Валентина Велковска -Трајановска, произлегол од заедничката иницијатива на директорката на НУБ, Јелисавета Костадинова и м-р Елени Новаковска, раководител на музичката збирка при НУБ.
Според Велковска-Трајановска, со потпишувањето на Меморандумот се официјализирани долгогодишните заложби за интензивирање на соработката помеѓу СОКОМ и НУБ „Св. Климент Охридски“.
-Со нашата соработка ќе може да се утврдат, изработат и подобрат состојбите со сите материјали на починатите композитори, а финално, доколку успееме да ги реализираме сите фази на предвидените активности, освен зачувувањето и заштитата ќе се овозможи и реална достапност до нотниот материјал, партитури за понатамошни изведби, нивно истражување и анализа, посочи претседателката на СОКОМ.