Сојузот на синдикати утре ќе го блокира пристапот до Собранието
Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ) утре во 9 част ќе ја започне блокадата на Собранието, со што ја почнува серијата од блокади на институциите чија цел е зголемување на минимална плата на 600 евра и на останатите плати за 100 евра. Од ССМ најавија дека ќе бидат блокирани улиците 11-ти Октомври и Даме Груев, како и дека ќе биде овозможено непречено движење на возилата на Итната медицинска помош, Противпожарната бригада и на полицијата.
„Пратениците цела година молчат за предлогот на ССМ за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите останати плати. За да ги заштитиме интересите на работниците, работниците бараат минималната плата веднаш да се зголеми на 600 евра, а останатите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари или за разликата од зголемувањети на минималната плата ( од сегашната минимална плата и новата минимална плата)“, велат од ССМ во објава на Фејсбук.
Од ССМ додаваат дека пратениците се глуви на работничките барања за зголемување на работничките плати.
„Работниците им дале мандат да уживаат во луксузот со 79% зголемени плати кои дополнително ќе се зголемат за 12,6 % доколку Уставниот суд ја укине Уредбата на Владата од минатата година и ќе се зголемат за 9,2% колку што пресмета Гувернерот на Народната банка дека изнесува порастот на просечната плата за 2025 година или ќе добијат вкупно 21,8% зголемување на нивните плати“, велат од ССМ додавајќи дека станува збор за зголемување од најмалку 250 евра за пратениците, а ни 25 евра за раборниците, оценувајќи декатоа е срамно.
Од ССМ додаваат дека пратениците први ќе се соочат со работничкиот гнев, а преку блокадата ќе бидат оневозможени тој ден да наплатат патни трошоци кои надминуваат и 100 евра за еден ден, да дојдат пешки или со градски превоз онака како што одат на работа работниците.
„Ги потсетуваме дека не само што мораат итно да гласаат за зголемување на минималната плата и за згомемување на сите останати плати, мораат да гласаат и за намалување на функционерските плати по иницијативата на ССМ“, велат од синдикатот, предупредувајќи дека доколку и понатаму молчат, ќе преминат на собирање на 10.000 потписи со кои ќе се намалат нивните, а ќе ги зголемимат работничките плати.
По блокадата на Собранието ССМ најави и блокада на Стопанската комора и владата.
Претседателот на Собранието Африм Гаши на денешниот брифинг со новинарите рече дека на пратениците им е најавено да си дојдат на своите работни места и на седница, без да биде попречено правото на протест на работниците.
Тоа значи дека пратениците можно е да поминат низ непријатен т.н. работнички „шпалир“, пред да влезат во законодавниот дом.
Доколку, пак, се блокираат влезните врати на Собранието, Гаши вели дека тоа е прашање за МВР.
Блокадите на Собранието беа најавени минатата недела кога ССМ одржа протест пред Собранието, Стопанската комора и Владата на кој беа упатени барањата за зголемување на минималната плата и за зголемување на сите плати.