Сојузот на синдикати најави три протести, првиот ќе се одржи во вторник


Фото: Б. Грданоски

Работниците и граѓаните повеќе немаат изговор да не учествуваат на протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), рече првиот човек на Сојузот, Слободан Трендафилов, на прес-конференција на која најави три протести во периодот што претстои.

Синдикатот во вторник, на 2 април, ќе протестира против одлуката на Врховниот суд од ноември минатата година за одземање на зградата на работничкиот дом за која пресуди дека е во државна сопственост. Протестот ќе започне пред зградата на ССМ, а ќе заврши пред Врховниот суд.

„Протестот ќе биде во насока на тоа да им покажеме на судиите дека треба да се одважат, дека правото и правдата треба да победат и што е можно побрзо да донесат нова пресуда со која ќе го вратат работничкиот дом на работниците, оние кои го граделе, имајќи предвид дека ССМ пред само еден месец до Основниот граѓански суд Скопје поднесе предлог за повторување на постапката врз основа на новите докази. На Државата не ѝ треба уште една зграда, ѝ требаат работници, ѝ требаат синдикати“, рече Трендафилов.

На вториот протест што ќе се одржи на 8 април, а кој е во организација на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, ќе се истакне незадоволството од неусогласувањето на платите на работниците во овие сектори со минималната плата.

„Одредени сектори, како дејноста здравство, нема да добијат усогласување на нивните плати со порастот на минималната плата. Нема ниту во образование, ниту во полиција и неколку други дејности, каде што ниту со колективен договор, ниту со закон е предвидено вакво нешто. Протестот ќе биде токму во насока на изразување на незадоволството од непотпишувањето на колективниот договор, кој веќе беше завршена работа, но заради политичките игри остана непотпишан, и на ваков начин повеќе од 20.000 работници во дејноста здравство остануваат без усогласување на нивните плати“, изјави првиот човек на ССМ.

Според него, минималната плата треба да биде основ за усогласување на платите на сите вработени во јавниот сектор.

Трендафилов го најави и големиот протест на 1 мај, кој Синдикатот го одржува секоја година. Трендафилов рече дека работниците од овој протест ќе ги искажат своите барања пред „претендентите кои сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји“.

„Очекувањата се минимална плата од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, со политичка одлука, за измени на законот и дека ќе се направат измени во низа други законски решенија и ќе се потпишуваат нови колективни договори“, најави Трендафилов. (Мета)