Сојузот на извидници го суспендираше скопскиот одред по скандалот со летниот камп


Илустрација

Сојузот на извидници го суспендираше скопскиот одред по скандалот со летниот камп додека трае официјалната истрага. Во опширното соопштение првата осуда е за начинот на известување на одредни меидуми, па закани со претставки кон медиумите,  потоа следи објаснување за нивните долгогодишни активности за сосема на крај да се оградат и да осудат било какво вознемирување на малолетници.

„Заради претпазливост и независност на активностите за расветлување на настанот, Старешинството на СИМ, во согласност со одредбите од Статутот на Сојузот, донесе одлука за привремено оддалечување од активностите, односно суспензија на Прв Скопски Извиднички Одред, од Сојузот на извидници на Македонија. Конечна одлука во однос на евентуалните дисциплински мерки ќе донесе Собранието на СИМ врз основа на резултатите од преземените дејствија за истражување на случајот.“, стои во соопштението на Сојузот.

Обвинителството побара, а полицијата ги распрашаа учесниците, но и одговорните за летниот камп  во кои под превезот на сексуална едукација шестнаесет годишни деца импровизирале секс пози, биле распрашувани за бројот на сексуални партнери и требале да  симулираат секс.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов денеска потврди дека градот финансиски помагал градски организации и здруженија, но за сексуално образование во средни училишта, не во извиднички кампови. Тој побара од институциите брзо расветлување на случајот.

-Градот Скопје секоја година финансира илјадници различни програми. Не можеме ние да ги предвидуваме сите дејствија кои што ќе ги прави корисник. Ова што е направено за жал е скандалозно и јас ги повикувам институциите најбрзо што е можно да го расчистат тој случај, рече градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов одговарајќи на прашањето поврзано со случајот за извидничкиот камп.

За обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ, Шилегов посочи дека доаѓаат како резултат на недостаток на политики кои што можат да ги понудат на Скопје и на скопјани.

-Во недостаток на политики кои што можат да ги понудат на Скопје и на скопјани, во недостаток на определување на приоритетите во политиката, тие се занимаваат со црна кампања за мене. Ги замолувам ВМРО-ДПМНЕ, зборуваме за наши дечиња, за наши чувства, за емпатија и за родителски грижи во моментов. Срамота е за црна кампања против актуелниот и иден градоначалник да се користат тие емоции, додаде Шилегов.