Софија се консултира со Брисел околу таксата за гасот

Бугарскиот премиер вели дека средствата собрани од оваа такса - 1,3 милјарди евра - би можеле да одат во европскиот буџет


 

Откако предизвика реакции кај нејзините соседи (Македонија и Србија), но и подалеку, од Унгарија, Бугарија бара начин во консултации со Европската унија да најде решение за контроверзната одлука да наплаќа такса за поминувањето на рускиот гас низ земјата. Таксата изнесува 20 лева/MWh.

Во тек се консултации со Европската комисија дали нешто треба да се редефинира од технички аспект, изјави бугарскиот премиер Николај Денков пред новинарите во Брисел, каде што учествуваше на самитот на европските лидери. Според него, таксата не е во спротивност со општата европска политика и можно е приходите од оваа такса, кои се проценуваат на над 2,5 милијарди лева годишно (1,3 милијарди евра), да одат во европскиот буџет.

Коментарот на Денков уследи и по одлуката на претседателот Румен Радев да поднесе жалба до Уставниот суд за оданочување, што, според шефот на државата, е во спротивност со европските барања, па не е јасно дали се работи за данок, такса или царина. Бугарската држава, според Радев, не може сама да донесе одлука за таква давачка, но тоа мора да биде одлука на Европската комисија и да важи за сите земји од ЕУ.

„Нема противречност, бидејќи постои општа директива која оди токму во таа насока. Конкретните давачки се целосно во духот на таа директива. Покрај тоа, тие не се во спротивност со европското право. Постојат такви нијанси на тип на наплата што се става за увоз во Бугарија, можеби треба да оди во европскиот буџет, бидејќи тоа има значење на надворешна давачка за Европската унија“, коментираше во петокот Николај Денков.

За опасноста од покренување арбитражна постапка од засегнатите страни (меѓу нив и Македонија) против Бугарија поради наметнатиот енергетски придонес, премиерот коментира дека „секој има право да поднесе арбитражен предмет“.

„Прашањето е дали го кршиме законот – одговорот е не. А дали одговараме на заедничката европска политика – одговорот е да. Дали одговараме на интересите на режимот на Путин – не“, рече Денков.