Софија постави прашања до Советот на Европа за односот кон бугарското малцинство во Македонија
До Советот на Европа е доставено писмено прашање за мерките против насилството и говорот на омраза против бугарската етничка заедница во Македонија. Документот е адресиран до Комитетот на министри и е регистриран како писмено прашање бр. 806 од 17 февруари 2026 година, објави БГНЕС.
Текстот е потпишан од заменик-претседателката на пратеничката група на ГЕРБ, Деница Сачева, претставник на Бугарија во Парламентарното собрание.
Во документот се наведува дека Парламентарното собрание, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) и Комесарот за човекови права добиле бројни сигнали за говор на омраза и непријателски инциденти насочени против лица од бугарско потекло во Македонија.
Се нагласува дека борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза е фундаментална обврска на земјите-членки на Советот на Европа и бара сеопфатен пристап. Меѓу потребните активности се подигање на јавната свест, обука на полициските и судските власти и систематско собирање детални податоци.
Текстот поднесен од Сачева се повикува на извештајот за пост-мониторинг дијалогот со Македонија од јануари во кој етничките Бугари понекогаш биле жртви на говор на омраза, се нарекуваат „фашисти“ и биле „физички нападнати“.
Потоа, се наведуваат и законските измени од 2 ноември 2022 година, со кои Собранието на Македонија го измени Законот за фондации и здруженија што беше предизвикано со формирањето на бугарски здруженија со контроверзни имиња.
Во ова обраќање на Сачева се поставуваат две прашања до Комитетот на министри: дали е подготвен да ги повика властите во Македонија да усвојат сеопфатни мерки за ограничување на насилството врз бугарската заедница и активно да се борат против говорот на омраза и злосторствата од омраза против Бугарите, како и какви чекори ќе бидат преземени во оваа насока.