Софија очекува Љупчо Георгиевски од Битола да биде ослободен во процесот за „Ванчо Михајлов“

Бугарското МНР се јави со специјално соопштение за крајот на процесот против претседателот на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ претставувајќи го Љупчо Георгиевски како еден од најпознатите Бугари во Македонија


Љупчо Георгиевски дава изјава по последното рочиште во процесот против него

 

БИТОЛА – Во исчекување на пресудата на Основниот суд во Битола за случајот на Љупчо Георгиевски, претседател на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“, Mинистерството за надворешни работи на Бугарија објави соопштение до јавноста во кое порачува дека овој случај за Бугарија е пресвртница за рамноправноста на Бугарите во Македонија. Бугарското МНР нагласува дека овој судски процес „е случај против еден од најпрепознатливите претставници на бугарската заедница во Северна Македонија.“

МНР порачува: „Бугарските институции остануваат цврсто посветени на нивните доследни напори за заштита на правата на македонските Бугари, вклучувајќи го и Љупчо Георгиевски“.

Во средата, на 21 мај, во Основниот суд во Битола заврши двегодишниот судски процес против битолчанецот Љупчо Георгиевски, претседател на згаснатиот клуб во Битола.  Судењето го покрена Основното јавно обвинителство Битола за кривични дела поврзани со  предизвикување национална и расна омраза и нетрпеливост, како и ширење расизам и ксенофобија преку компјутерски систем, или народски кажано за величење на ликот и делото на контроверзниот водач на ВМРО (организација која постоела од 1919 до 1934 година) – Иван Михајлов,  како историска личност. 

Обвинетиот Љупчо Георгиевски во текот на судењето кажа дека е Бугарин, со два пасоша, македонски и бугарски, и досега не е осудуван; семеен човек.  Тој рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари.

Пред завршните зборува како сведок, во полза на обвинетиот сведочеше екс-премиерот Љупчо Георгиевски. Судијата Цветанка Никодиновска најави дека пресудата ќе ја донесе во рок од 8 дена, а тоа ќе значи најдоцна до крајот на овој месец.

Бугарското МНР во реакцијата пишува: „На властите во Скопјe постојано им се обрнува внимание дека овој случај е пресвртница за Бугарија во однос на нивната подготвеност да ја гарантираат рамноправноста на Бугарите и да ги решат проблемите со кои се соочуваат“.

Софија наведува дека Министерството за надворешни работи внимателно го следи развојот на процесот уште од самиот почеток, пред повеќе од 2 години. И Амбасадата на Бугарија во Скопје и Генералниот конзулат во Битола се постојано вклучени, вклучувајќи го и присуството на амбасадорот, генералниот конзул и конзулите од двете претставништва на судењето на 21 мај во судот во Битола.

Точно е дека судскиот процес за цело време и на сите рочишта беше следен од дипломат од Генералниот конзулат во Битола. Но, на завчерашното судење на изрекувањето на завршните зборови и на сведочењето на екс-премиерот на поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Георгиевски, за прв пат дојде и актуелниот бугарски амбасадор во нашата држава Жељаско Радуков, и за цело време беше пред судот во Битола.

Внатре во судницата, рочиштето го следеа поддржувачи на обвинетиот. За прв пат дојде и генералниот конзул на бугарскиот конзулат во Битола, Никола Димитров, секретарот на конзулатот Илијан Крстев, членови на новото бугарско здружение „Балкански мост“, како и приврзаници на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.

Атмосферата во судницата на момент беше подгревана и со аплауз од страна на поддржувачите на Георгиевски околу „историското“ сведочење од страна на експремиерот.

Ваквата слика во судницата и надвор од судот во Битола, може да се толкува двојно – како поддршка за „неосновано“ обвинетиот Георгиевски, или како своевиден „притисокот“ врз судот. 

Бугарското МНР во соопштението наведува –„Бугарија очекува фер судска одлука и отфрлање на неоснованите обвинувања против Љупчо Георгиевски. Сепак, оваа правда, за жал, нема да ги избрише последните години на огромен стрес и нарушен личен живот на македонскиот Бугарин. Суштината на институционалниот притисок што се врши не е само конечниот резултат, туку и неповратните последици од целиот процес на негово спроведување. Како и досега, Министерството за надворешни работи ќе продолжи да инсистира, вклучувајќи и ангажирање на своите партнери од ЕУ за да се запре овој притисок врз бугарската заедница во Северна Македонија.“

Обвинението против Георгиевски го застапуваше обвинителката Оливера Нечаковска, таа пред судот кажа дека од доказите изведени во текот на главната расправа го докажала поднесеното обвинение, па судот треба да донесе осудителна пресуда со соодветна санкција.

Нечаковска рече дека под превезот на наводна слобода на говор и изразување, претседателот на здружението „Иван Михајлов“ Битола и како администратор на веб страницата на овој клуб активно поттикнувал и разгорувал омраза и нетрпеливост спрема припадниците на еврејската заедница во Македонија, а особено спрема припадниците на македонскиот народ,  чија што посебност континуирано ја негирал преку објавите.

„Мислењето на Институт за национална историја на Македонија бр. 02-242.2 од 31.08.2022 во однос на Ванчо Михајлов е јасно и недвосмислено – Ванчо Михајлов е негативен лик во македонската и европската историја и со пропагирање на ликот, делото и идеите на Ванчо Михајлов всушност се пропагираат неговите наредби за физички ликвидации, соработка со фашистичката и нацистичката идеологија како и неговото негирање на посебноста на македонскиот народ“, рече Нечаковска во завршните зборови.

Обвинителката за сведоци на судењето ги повика претседателот на ОО на Сојузот на борци Стефан Бошков, внук на народниот херој Стив Наумов и внук на првоборецот Ѓорѓи Наумов од НОВ. Потоа, Горан Садикарио директор на Музејот на холокаустот, пејачот Ламбе Алабаковски, осуден на условна казна од шест месеци за опожарувањето на влезната врата на клубот во Битола, како и Зоран Ѓоргиев, полициски службеник во СВР Битола, автор на книга за битолските Евреи и постдипломец на студии во Израел на програмата „Холокауст“.