Софија Лорен се враќа на филмот на 86 години, ќе глуми во филм на синот Едоардо


Италија– Италијанската актерска легенда  Софија Лорен (86), се враќа на филмот по пауза од 11 години. Лорен ќе глуми во драмата на Нетфликс  „Животот напред“, во режија на нејзиниот син Едоардо Понти.

Софија ќе ја толкува Мадам Роза, Еврејка, која откако го преживеала холокаустот, се грижи за децата на починатите сексуални работници со кои некогаш работела на улиците. Таа развива нежно пријателство со Момо, дванаесетгодишното сираче од Сенегал, кое се обидува да ѝ ги украде свеќниците, пишува „Гардијан“.

Филмот ќе има премиера во октомври во Рим, а потоа ќе биде достапен на Нетфликс.

Лорен изјавила дека „ја зграпчила шансата“ да ја игра Роса, која ја потсетила на нејзината мајка. Претходно има работено со нејзиниот син двапати. Последен пат во „Помеѓу странци“ во 2002 година.

Едоардо е нејзин син од бракот со режисерот Карл Понти, со кого беше во брак од 1966 година до неговата смрт во 2007 година.

Лорен го освои првиот Оскар во 1961 година за „Две жени“, а потоа и почесен во 1991 година за „кариера богата со незаборавни претстави кои имаат трајно уметничко влијание“.