Софија Куновска бара оставка од Заев

Зоран Заев, заедно со своите најблиски соработници, треба да замине веднаш од СДСМ и од фунцијата премиер, смета актерката и поранешна пратеничка и претседателка на Форумот на жени на СДСМ, Софија Куновска.

Во нејзината реакција на социјалните мрежи, по интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, Куновска вели дека тие треба веднаш да заминат посрамотени со наведната глава или да го чекаат денот кога ќе ги стигне казна од граѓаните.

„Во историска смисла, оваа отсечка ќе биде еднакво грозна како и владеењето на Никола Груевски и неговиот режим. Тој драматично ја уназади цивилизациски, поточно економски, образовно, културно, а особено идентитетски барајќи ги корените кај Хунзите и Александар Велики. Оваа гарнитура продолжува со истиот идентитетски инженеринг но во спротивната насока, трампајќи ги вистинските корени, со сосед со јасни вековни аспирации, за трговска зделка, онеспособувајќи ги на дневна основа, заради својата неспособност, сите витални системи на државата“,пишува Куновска.

Според неа ова е најсрамотната презентација на меѓународна сцена која ќе се памети.

„Бидејќи не заслужуваат повеќе, во оваа прилика во фуснота само сакам да посочам уште некоја дилема: Навистина ли мислат платениците од медиумите дека и ова ќе им го голтаат граѓаните? Имаат ли лимит? Посебно сум љубопитна, дали по се ова ќе има трансформација на досегашната соработка на бизнис-комитите од ВМРО со актуелниот премиер“,додава таа.