Софија ќе одвои 31 милиони евра во наредните шест години за соработка со Македонија
Бугарската влада одобри две програми за прекугранична соработка – со Романија и со Македонија. Вкупниот буџет е близу 240 милиони евра до 2027 година, но од него лавовскиот дел – 207,5 милиони евра – е за соработката со Романија. А од нив дури 163,5 милиони се обезбедени од Европскиот фонд за регионален развој.
Програмата за Македонија е многу поскромна – 31,1 милиони евра за наредните шест години.
Со овој буџет програмата ќе финансира проекти насочени кон постигнување на три конкретни цели, поделени во три приоритети.
Првиот ќе спроведе мерки за подобрување на заштитата и зачувувањето на природата, биодиверзитетот и еколошката инфраструктура, вклучително и во урбаните средини, и ќе ги намалува сите форми на загадување. Вториот приоритет е насочен кон подобрување на поврзаноста. Средствата предвидени за него ќе бидат насочени во стратешкиот проект за нов граничен пункт меѓу Струмјани и Берово на границата меѓу Бугарија и Македонија.
Спроведувањето на мерките од третиот приоритет има за цел да го промовира интегрираниот социјален, економски и еколошки развој, да го промовира културното наследство и да ја зголеми безбедноста во областите различни од урбаните. Инвестициите овде ќе бидат насочени кон поддршка на малите и средни претпријатија и нивна технолошка модернизација, градење на ефективен процес на развој на производи, подобрување на мобилноста, развој на интегрирани регионални туристички производи и друго.
Опсегот на програмата ги опфаќа областите Благоевград и Ќустендил во Бугарија и североисточниот, источниот и југоисточниот регион на Македонија, каде живеат вкупно близу 950 илјади луѓе. Корисници ќе бидат граѓанското општество, микро, малите и средни претпријатија, локалните власти и регионалните структури на централната администрација, невладините организации, академските, научните и социјалните институции.