Софија ја минираше посетата на Заев уште пред да замине: Ветото останува


Бугарското МНР

Како што тоа го направија неколку пати пред да има позначајни македонско-бугарски разговори, официјална Софија и сега уште во старт ја минираше посетата на премиерот Зоран Заев, соопштувајќи дека утрешните разговори во бугарскиот главен град ќе бидат без резултат, освен ако Македонија не ја прифати бугарската позиција. Иако до седницата на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург има уште седум дена бугарската влада денеска ја оформи својата позиција околу почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ, без да ја дочека утрешната посета на македонската делгација. Тој став го соопшти Министерството за надворешни работи, филувајќи го и со другите прашања што ќе се расправале на состанокот на министрите.

„Во делот за политиката на проширување на ЕУ и европската перспектива на Република Северна Македонија во позицијата усвоена од владата се наведува дека Бугарија се придржува до Декларацијата на Националното собрание од 10 октомври 2019 година и Рамковната позиција за европската перспектива на Република Северна Македонија усвоена од Советот на министри на 9 октомври 2019 година. Позицијата на Бугарија во врска со рамката за преговори и одржувањето на Меѓувладината конференција со Република Северна Македонија останува непроменета. Рамката за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ треба да ги содржи потребните гаранции во врска со спроведувањето на Договорот од 2017 година, кои во моментов не постојат. Не се исполнети ниту условите за првата меѓувладина конференција.

Во исто време, Бугарија останува отворена за дијалог и презема чекори за градење доверба и враќање во прагматичен и конструктивен дијалог“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

Тогаш, зошто бугарскиот претседател Румен Радев го покани Заев да ја посети Софија за време на нивната средба на Самитот на НАТО? Македонија да добие уште едно понижување? Каков дијалог е можен ако Бугарија не сака воопшто да ја промени својата позиција. (Н.В.)