Софија и Скопје во нова спирала на влошување на односите
Софија го заострува тонот, особено по извештајот на Европскиот парламент и условната казна затвор за претседателот на згаснатиот клуб „Иван Махајлов“

Односите меѓу Македонија и Бугарија повторно влегоа во спирала на недоверба и заострување. Има две причини за тоа – извештајот на Европскиот парламент за Македонија, за кој Софија го обвини известувачот Томас Вајц дека бил пристрасен. И второ, пресудата на претседателот на сега згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ од Битола. Оваа условна казна затвор за Љупчо Георгиевски Софија ја користи на речиси брутален начин да поентира дека во Македонија има омраза кон Бугарите и ним не им се почитуваат човековите права.
Бугарија и официјално фрли сомнеж врз македонското судство кога денеска уште еднаш ја осуди едногодишната условна казна за Георгиевски. против претседателот на поранешниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола.
Додека растат тензиите меѓу двете држави, во вторникот, претседателот Румен Радев и министерот за надворешни работи Георг Георгиев го примија битолчанец Љупчо Георгиевски на одвоени средби во Софија.
„Антибугарските изјави на водечките фактори во Северна Македонија се апсолутно неприфатливи. Земја која гласно зборува дека ги исполнила сите критериуми за членство во ЕУ спроведува законско гонење врз етничка основа“, рече претседателот Радев.
Тој рече дека имал информации оти се подготвува „ново, уште поапсурдно обвинение против Љупчо Георгиевски“.
Во пресудата од 12 јуни за Љупчо Горгиевски од една година условна казна затвор има услов две години да не го повтори кривичното дело за величење на ликот и делото на контороверзниот лидер на ВМРО, Иван Михајлов.
Пресудата ја објави лично Горгиевски на Фејсбук страната на културниот клуб „Иван Михајлов“ Битола и наведе: „ Мојата единствена ‘грешка’ е тоа што отворено се идентификувам како Бугарин, што го почитувам случајот со Иван Михајлов… Државата може да изрече казни, но не може да ја гони совеста“.

Радев нагласи дека очекува „континуирана работа со нашите партнери од ЕУ, НАТО и други меѓународни институции за да се расветли и спречи манипулацијата, за да не бидеме сведоци на вакви скандалозни нацрт-извештаи, како оној од Европскиот парламент“.
Токму за ова што Радев го нарекува „скандалозен нацрт-извештај“ Мицкоски денеска од Битола изјави дека европратениците од Бугарија ќе имаат можност да покажат дека се за добрососедство на 24 јуни со повлекување на амандманите во Европскиот парламент.
Влошувањето на односите дојде прво откако на барање на бугарските европратеници, Европскиот парламент одлучи да го одложи гласањето за извештајот за напредокот на Северна Македонија. Бугарските европратеници објавија дека имало неприфатливо истекување на информации до Македонија и се изјаснија против коментарите во извештајот во врска со македонскиот идентитет и јазик.
„На 24 јуни на Комисијата за надворешни работи при ЕП АФЕТ се наоѓа извештајот во којшто очекувам бугарските членови на ЕП да ги повлечат амандманите во кои бараат македонскиот многувековен идентитет и јазик и во рамките на тој дух да биде усвоен тој извештај и потоа и патоказот за малцински права којшто многу скоро ќе биде на дневен ред, така што имаат можност ова што го збруваат да го покажат и на дело“, изјави Мицкоски.
На средбата со Радев, Љупчо Георгиевски истакна дека „патот на РСМ кон Европа поминува низ човековите права, а таму правата на Бугарите се еднакви на нула. Бареме впишување во уставот, уставни гаранции за нашите права“.
Во политичката претстава министерот за надворешни работи Георг Георгиев му изјави на осудениот битолчанец дека Бугарија го гледа случајот против Георгиевски како „политички мотивирано судење“.
„Длабоко не веруваме во мотивите што беа објавени против вас и во предметот на вашиот случај“, му рече министерот за надворешни работи, цитиран од прес-центарот на министерството.
„Политички мотивираните судења што ги користат државните институции и судовите за репресија на луѓето што се идентификуваат како Бугари и го бранат својот идентитет се апсолутно неприфатливи во земја што тврди дека е европска“, рече Георг Георгиев.
Според неговите зборови, Бугарија стои зад Љупчо Георгиевски со „целата сила на својата влада, нејзините институции, нејзиното претставување во Република Северна Македонија“.
Георгиев истакнал дека правото на самоопределување е фундаментален принцип на Европската унија и не може да се доведува во прашање.
„Начинот на кој, преку културниот клуб и преку вашата целокупна активност, се залагате за вашите принципи и вашето потекло е повеќе од достоен да биде прифатен од нас како држава, бранет, и со тоа ние целосно и цврсто стоиме зад вас“, рече тој.
Љупчо Георгиевски, од своја страна, ѝ се заблагодари на бугарската држава за нејзината поддршка.
„Не ја прифаќам пресудата како срам. Напротив – чест ми е да бидам суден како Бугарин кој ја брани бугарштината во Македонија. До пред години, баравме да го докажеме нашето бугарско потекло, денес имам документ за бугарско потекло и нешто со што моите внуци ќе бидат горди“, рече тој.
Во исто време додека Георгиев разговараше со Георгиевски во Софија, македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски во Будимпешта ги кажуваше познатите ставови на македонските власти.
„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме – без услови, без извинување, без бришење“, истакнал Муцунски.
Премиерот Мицкоски изрази очекување Софија да ја прифати средбата во рамки на состанокот на НАТО во Хаг меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот премиер Росен Жељасков за „да се разговара и за Коридорот 8, да тргне и таму работата, да биде и тоа приоритет кај нашиот источен сосед, и како добри соседи да ги градиме нашите меѓусебни односи“. Тој рече дека викендов е остварена комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во државава по иницијативата за средба со бугарската страна и оти има предлог термин, за кој се чека да се изјасни Бугарија.
Бугарскиот претседател Радев синоќа од Тирана порача дека не станува збор за нерешени билатерални односи, за за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија. „Има Договор за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и во него има два протокола. Има преговарачка рамка од 2022 година, европски консензус на сите земји членки и од власта на Северна Македонија, така што Бугарија никогаш не поставила и нема да постави услови надвор од тој договор, надвор од преговарачката рамка и надвор од двата протоколи“, рече Радев. (Н.В.)