Софија го обвини Ковачевски за цинизам


Бугарското Министерство за надворешни работи

 

Не престануваат реакциите во Бугарија по оценката на премиерот Димитар Ковачевски на самитот на Европа во Рејкјавик за однесувањето на Софија спрема Македонија. Во официјалната реакција на Министерството за ндворешни работи се вели дека „секоја аналогија со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива“.

Ковачевски на самитот рече дека „дискурсот кој се користи од Бугарија кон Северна Македонија за жал е многу сличен на дискурсот кој Руската Федерација го користи кон Украина“.

Бугарското министерство нагласува дека ваквите зборови биле неумесни против земја што е членка на Европската унија. „Изјавата на премиерот на Македонија уште еднаш јасно го покажува вистинскиот однос на Скопје кон главните вредности на ЕУ и отфрлањето на правото да реагира на постоечките дефицити. Секоја аналогија со страдањето на украинскиот народ во сегашната неоправдана војна на Русија е цинична и неприфатлива“.

За Софија посебно вознемирувачки дел во изјавата на премиерот Ковачевски е „сугестијата дека доколку Северна Македонија не ги продолжи преговорите за пристапување во ЕУ, тоа ќе има негативно влијание врз Албанија“. И во соопштението се додава дека „за разлика од Северна Македонија, Албанија целосно ги отвори пристапните преговори и брзината со која ќе напредува зависи исклучиво од нејзиниот напредок во реформскиот процес“.

На крајот од соопштението се вели: „Ги повикува властите во Скопје да покажат политичка храброст и да започнат со исполнување на обврските што ги презедоа пред сите земји-членки на ЕУ за завршување на фазата на отворање на пристапните преговори. Одговорноста за европската иднина на Северна Македонија е во нејзини раце“.