Софија бара и од Србија да се почитуваат правата на бугарското малцинство


Босилеград

 

Бугарија гледа проблем и во третманот на бугарското малцинство што живее во Србија поради апсењето на двајца негови активисти. Министерството за надворешни работи побарало информација од српската амбасада во Софија зошто биле уапсени активистите во Босилеград.

„Ова фрла сенка на посетата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Босилеград, што е прва посета по 97 години на шеф на српска држава на градот, каде што живее голем дел од бугарското национално малцинство“, се наведува во реакцијата на министерството.

Софија инсистира на разјаснување на причините за апсењето, што „предизвика негативна реакција во Бугарија“.

„Почитувањето на човековите права и особено обезбедувањето можност за слобода на изразување се клучни услови во процесот на евроинтеграции“, изјави генералниот директор за европски прашања на министерството, Славена Гергова, во разговорот со српскиот амбасадор Жељко Јовиќ.

Во саботата при посетата на Вучиќ беа приведени двајца активисти на бугарското национално малцинство во Босилеград.

„Јас и една жена по име Даниела бевме уапсени – таа е научник, професор. Ме приведоа околу 10 часот затоа што имав неколку плакати што сакав да му ги покажам на Вучиќ“, изјави Димитар Димитров за Бгнес.

Тој кажа и дека бил задржан во притвор каде што чекал 30-40 минути без никој ништо да му каже. По неколку часа тој беше ослободен откако заврши посетата на Вучиќ.

„Пред 20-30 дена полицијата ми рече да не носам плакати на кои пишуваше, на пример: ‘Западните покраини немаат ништо заедничко со Србија’. Со тоа сум го нарушил територијалниот интегритет на Србија итн“. Тој вели дека бил распрашуван и зошто ставил бугарско знаме на споменикот на Левски на бугарскиот државен празник 3 Март. „Без разлика каде живееме, мораме заштити ја нашата бугарска кауза и да не се срамиме од овој бугарски празник“, рече Димитров.

Во Србија според пописот од 2011 година живеат 18.500 Бугари главно во градовите Димитровград и Босилеград. Во тие два града бугарскиот јазил е во службена употреба. Во Босилеград тие се 72 отсто од населението, а во Димитровград 53,5 отсто.