Социјалистите пред победа на изборите во Португалија


Лисабон – Централнолевичарските социјалисти од Португалија се очекува да ја задржат власта и да освојат повеќе места во парламентот на општите избори што се одржаа вчера, по четири години економски раст, но сепак изгледа ќе им недостига целосно мнозинство.

Доколку анкетите за јавното мислење се вистинити, премиерот Антонио Коста, лидер на социјалистите, ќе победи на изборите со резултат меѓу 36,5 и 38,8 отсто од гласовите, но ќе мора да побара други партии за поддршка.

„Главното прашање е дали ќе ни бидат заврзани рацете“, рече Коста за време на митингот во петокот. „Треба да имаме сила да гарантираме четири години стабилност и да не бидеме краткорочна влада“.

Кога социјалистите ја презедоа власта во 2015 година, Коста ја доби парламентарната поддршка на двете екстремно левичарски, евроскептични партии, Левиот блок и комунистите.

Но четири години подоцна, љубовната врска се намали. Тврдата левица бара поголемо јавно трошење и го обвини Коста дека оди кон десно. Коста веќе ја отфрли формалната коалициска влада, но може да се обиде да го обнови својот пакт со една од партиите или со обете.

Главните опозициски социјалдемократи, кои во анкетите имаа поддршка под 30 отсто, се очекува да изгубат места.

Малцинската влада на Коста доби пофалби од Брисел и дома за комбинирање на фискална дисциплина со мерки за унапредување на растот по рецесијата и штедење во должничката криза на Португалија од 2010 до 2014 година.

Португалија се очекува да го забележи својот најнизок буџетски дефицит во 45-годишна демократска историја. Економијата ќе расте 1,9 отсто оваа година, над просекот на ЕУ, помогната од растот на извозот и туристичката индустрија во подем.

Но серија скандали, од непотизам, до наводна вмешаност на поранешен министер во армиско прикривање на кражба на оружје од воена база, ги погодија рејтинзите на социјалистите.

За време на последниот предизборен митинг на Коста во Лисабон во петокот, сопствениците на продавниците извикуваа од тротоарите: „Засрами се!“ (Ројтерс)