Социјалдемократите во Данска формираа левичарска влада


Данскaта лидерка на социјалдемократите објави дека ќе формира малцинска влада откако постигне договор со три леви и централно леви партии, неколку недели по општите избори.

„Сега стигнавме до целта… покажавме дека кога Данците гласаат како што направија, ново мнозинство може да ги претвори своите надежи во акции“, рече Мете Фредериксен, која на 41 година ќе стане најмладиот досегашен премиер во историјата на земјата.

Данска стана трета нордиска земја оваа година која формира левичарска влада.

Додека новата левичарска влада најверојатно нема фундаментално да ја промени економската политика на Данска, Фредериксен вети дека ќе ги зголеми социјалните трошоци по години на штедење.

Блокот од пет левоориентирани опозициски партии, предводени од Социјалдемократската партија на Фредериксен, доби мнозинство на изборите на 5 јуни, поради што централно десничарскиот лидер Ларс Локе Расмусен поднесе оставка од функцијата премиер.

„Со големо задоволство можам да објавам дека по три недели преговори имаме мнозинство за формирање нова влада“, рече таа.

Трендот на стареењето на населението ги поттикна нордиските влади да се повлечат делумно од социјалната држава од лулка-до-гроб, но изборите на 5 јуни покажаа јасна поддршка на данските гласачи за левичарските партии. Изборите, исто така, им нанесоа удар на десничарските националисти, кои изгубија повеќе од половина од гласовите во споредба со 2015 година.

Додека левичарскиот опозициски блок доби убедливо мнозинство, поддршката за Социјалдемократската партија се намали малку во споредба со гласањето во 2015 година. Но таа остана најголема партија во земјата.

И покрај разликите меѓу левоориентираните партии околу прашањата, како што се благосостојбата и имиграција, Фредериксен ја доби поддршката за формирање еднопартиска малцинска влада, што е вообичаена работа во Данска.

Социјалдемократите на Фредериксен ќе мора да се потпрат на Социјалистичката народна партија, Црвено-зелената алијанса и Социјал-либералната партија – порано предводена од комесарот за европска конкуренција, Маргарет Вестагер – при носењето на законите во парламентот од 179 места.

Четирите партии се согласија да омекнат некои тешки мерки за имиграција, вклучувајќи го и напуштањето на планот од страна на претходната влада за чување на странски криминалци на мал остров.

Партиите, исто така, рекоа дека се согласија со планот да дозволат повеќе странски работници, за понатамошни мерки за отстранување на зголемената нееднаквост и за планот за креирање на обврзувачки закон за намалување на емисиите на гасови.

По намалувањето на трошоците од страна на последователните влади за намалување на јавниот дефицит, што резултираше со ерозија на традиционалните социјални услуги, социјалдемократите водеа кампања за зголемување на трошењето и потребата бизнисот и богатите да плаќаат повеќе за благосостојбата преку повисоки даноци.

Многу Данци, кои како и нивните соседи во другите нордиски земји, плаќаат некои од највисоките даноци во светот за да го поддржат својот систем на благосостојба, се загрижени дека дополнителните мерки на штедење ќе ја поткопаат универзалната здравствена заштита, образованието и услугите за старите лица што долго време на нив се гледа како дадени.

Економистите велат дека има простор во рамките на здравите јавни финансии во земјата за зголемување на трошењето.

Во Финска и Шведска, социјалдемократските партии формираа влади претходно оваа година. (Ројтерс)