Собранискиот кворум на ковид-тест


Додека повеќето парламенти во светот веќе преземаа мерки за работа во услови на епидемија, што во одредени ситуации подразбираше и промена на деловниците и на законски акти, ВМРО-ДПМНЕ не сака никакви промени во начинот на работа на македонското Собрание

 

Два предлози за алтернативно функционирање на парламетот се ставени досега на маса,  во ситуација кога сѐ посилниот есенски бран на Ковид-19 се заканува да предизвика и нова криза во функционирањето на штотуку обновените институции по јулските избори.

Зад првиот предлог стојат владејачките СДСМ и ДУИ и тој предвидува можност за електронско гласање на собраниските седници само на пратеници кои во даден момент би биле во изолација поради Ковид-19.

Вториот предлог што потоа го изнесе ДУИ оди неколку чекори понапред, односно предвидува можност Собранието да може да заседава и да одлуучува на онлајн седници.

За опозицијата, а пред сѐ за ВМРО-ДПМНЕ, не е прифатлива каква била поинаква опција од вообичаеното функионирање на законодавниот дом, иако овој собраниски состав, всушност, од самиот почеток не работи вообичаено, ако се има предвид дека пленарните седници се одржуваат во друга сала, без директно присуство на медиуми, а гласањето е рачно, додека одржувањето на седниците на комисиите е ограничено во неколу поголеми сали во собраниската зграда… Но, и покрај сите вакви и слични мерки за заштита од ковид-19, од крајот на август досега за четворица од новите пратеници беше објавено дека се заразени со Ковид-19: прво Арбен Зибери од ДУИ гласаше во посебна кабина при изборот на новата влада, а пред десетина дена беше објавено дека позитивни на Ковид-19 се уште двајца пратеници од мнозинството, како и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, никој друг од парламентот не замина во изолација поради контакт со некој од заразените пратеници, што не мора да биде случај и во наредниот период, доколку се појават нови случаи на корона меѓу пратениците.

И додека повеќето парламенти во светот веќе презедоа мерки за работа во услови на епидемија, што во одредени ситуации подразбираше и промена на деловниците и на законски акти, ВМРО-ДПМНЕ ги проблематизира можните промени во начинот на работа на македонското Собрание, користејќи можност да го потенцира тенкото мнозинство со кое располаггат СДСМ и ДУИ. Другата опозициска пратеничка група, пак, Алијанса/Алтернтива повикува проблемот да се решава преку дијалог и соработка меѓу парламентарните партии.

„Собранието има доволно услови, сѐ што треба е добра координација меѓу мнозинството и опозицијата. Мнозинството и онака е кревко, така што сега треба да се покаже политичка зрелост во интерес на граѓаните“, изјави Скендер Реџепи, координатор на пратеничката група на АА и Алтернатива.

Но дијалогот изгледа тешко остварлива мисија во ситуација кога ВМРО-ДПМНЕ се  заканува дека „власта ќе се соочи со сериозна политичка криза ако се обиде на мускули да истурка одлука за онлајн-седници“, како што изјави Антонио Милошоски. Според ВМРО-ДПМНЕ, постои јасна уставна норма (член 69) која налага присуство (а не учество) на собраниските седници, на мнозинство (најмалку 61) од вкупниот број  пратеници. „ВМРО-ДПМНЕ работи за интересите на граѓаните. Уставот е јасен и дециден како треба да биде гласањето и одлучувањето во парламентот и тука нема поместување ни милиметар“, зборуваше децидно лидерот на партијата Христијан Мицкоски во саботата.

Се очекува до крајот на месецот парламентот да го усвои ребалансот на буџетот за имплементација на четвртиот пакет мерки за надминување на последиците од ковид-кризата. Набрзо потоа, треба да влезе во собраниска процедура и буџетот за следната година. Тоа се само некои од ургентните закони што треба да ги донесе Собранието во наредниот период, во ситуација кога се влошува епидемиолошката ситуација и во земјава, и на глобално ниво.

Во меѓуврем, националните парламенти во ЕУ усвоија различни пристапи за алтернативно функционирање во услови на пандемија. Некои се одлучија за целосен дигитален пристап, а други за мерки за социјално дистанцирање.

Во Шпанија, на пример, Сенатот и Конгресот имаат можност за гласање од далечина, што  е овозможено преку измени на членови од деловниците на двата дома, донесени во 2011 и  во 2013 година. Гласањето од далечина е дозволено само за пленарни сесии. Во Италија се води дебата за организирање на работата на пратениците преку сместување во различни згради или преку гласање во смени. Во Романија, уште кон средината на март, парламентот почна со употреба на нова онлајн-платформа која овозможува гласање од далечина.  Во Франција деловниците за работа на Националното собрание и на Сенатот пропишуваат физичко присуство на членовите и не постојат одредби за гласање од далечина. Сепак, за да се приспособи на ковид-кризата, Националното собрание се согласило со суспендирање на сите тековни активности, освен донесување закони за итни случаи, намален формат на седници, ограничен број на присуства – по три лица од пратеничка група. Во Британија, на седниците за прашања до премиерот секоја среда присуствуваат едвај триесетина пратеници од 650 сите седнати на три метри оддалеченост.

Во почетокот на ковид-кризата, работата на македонскиот законодавен дом беше „суспендирана“ затоа што парламентот се распушти во февруари, откако претходно беше избрана техничка влада за спроведување на парламентарните избори. Во таква ситуација,  извршната власт ја презеде и законодавната функција, со оглед на тоа што требаше да се донесат повеќе законски акти за справување со здравствената криза која предизвика и  значителни економски проблеми. Тоа беше овозможено со прогласување вонредна состојба, што ѝ овозможи на Владата да носи уредби со законска сила.

Премиерот Зоран Заев изјави деновиве дека не е поборник за повторно прогласување вонредна состојба, иако со тоа би се овозможил поедноставен начин на одлучување. Заев рече дека, наместо тоа, очекува да се обезбедат услови за онлајн работење на парламентот, затоа што, како што нагласи, сите сме потенцијално инфицирани со корона вирусот, а институциите мора да функционираат непречено.

За алтернативните начини за функционирање на парламентот се очекува да се разговара и на денешната координација кај спикерот Талат Џафери. Паралелно, како што соопшти Заев, се водат и разговори за проширување на парламентарното мнозинство.

Премиерот очекува на мнозинството наскори да му се приклучат уште три до шест пратеници од опозицискиот табор. Така, владејачките партии, наместо сегашните 62, би можеле да сметаат на 65 до 68 гласа, што, сепак, не е гаранција дека  законодавната власт ќе биде порелаксирана  во сутуација кога епидемијата со Ковид-19 се движи кон новата кулминација.  (Н.В.)