Собраниската седница за Предлог-законот за јавно обвинителство почна со пауза


Фото: Б. Грданоски

Собраниската седница на која на дневен ред е Предлог – законот за јавно обвинителство, не стигна ниту до општиот претрес – на барање на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, беше дадена пауза од еден час. Причината е што министерката за правда Рената Дескоска не излезе на говорницата да го образложи владиниот предлог.

„Доколку министерката за правда не сака да излезе да го образложи предлогот пред пратениците и пред македонската јавност, барам еден час пауза“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Преходно, околу половина час, под превезот на процедурални забелешки тој и неговиот колега од СДСМ, Јован Митревски, се обвинуваа меѓусебно за недонесувањето на законите и за застојот во работата на парламентот. Мицевски обвини дека пратениците на СДСМ само бараат начин да се одложат предвремените избори.

Митревски порача дека ставот на СДСМ е јасен – да се донесат законите и веднаш да се распушти Собранието, со цел предвремените избори да се одржат во предвидениот датум – 12 април. Тој додаде дека со цел законот за ЈО да се донесе во што побрзо, пратениците на СДСМ се подготвени да се откажат од дискусиите.