Собраниската седница одложена, Левица бара одговори за патните трошоци и кирии на пратениците


 

По барање на пратеничката група на Левица денешното продолжение на 49. собраниска седница е одложено за еден час. Пратеникот на Левица, Сашко Јанчев, побара пауза од еден час бидејќи, како што рече, сѐ уште не добиле одговор на доставеното барање на пратеничката Јована Мојсоска во јануари во кое се бараат исплатените патни трошоци и кирии за 2024 за сите пратеници.

„Процедуралната е врз основа на член 62 став 1 алинеја 10 од Деловникот согласно Закон за пратеници, согласно Деловникот на Собранието, службите на Собранието и генералниот секретар не смеат да ги игнорираат барањата на пратениците. Службите на Собранието и генералниот секретар од јануари игнорираат барање на пратеничката Мојсоска со коешто се бараат исплатените патни трошоци  и кирии за 2024 за пратениците поименично. Изгледа не се сфаќа сериозноста на ова дека ова не ѝ прави штета на Мојсоска, не ми прави мене, не ѝ прави штета на Левица, ама со ова се уништува законски поставен механизам кој е поставен со цел да му овозможи на еден пратеник да ја врши својата пратеничка функција. Службите и генералниот секретар имаат законска обврска да одговараат на пратеничките барања и со тоа да им овозможат да си ја вршат пратеничката функција. шШо се прави со оваа игнорирање на пратеничко барање? Ова е лошо и за власта, затоа што денеска сте власт а утре ќе бидете опозиција и со ова јавно добро се уништува за партиски интереси“, истакна Јанчев. 

Спикерот Африм Гаши му одговори на Јанчев. Тој рече дека во законскиот рок пратеничката добила одговор, но потоа побарала подетални информации за кои како што рече спикерот, ќе им бидат доставени побараните информации откако ќе бидат изработени.

„Ќе добиете еден час пауза, но само да ви кажам дека сум известен јас како претседател и генералната секретарка и работиме на случајот. Знаете дека во законскиот рок ви беше одговорено. Вие баравте подетални информации. Информациите се изработуваат и ќе ви бидат доставени. Нема никаков проблем. Никој од ништо не бега, ниту се плаши, ниту се крие. Ќе ги добиете. Не разбирам зошто барате пауза, кога сакаме да работиме. Но, го почитувам вашето барање и ќе ви дадеме еден час пауза“, рече Гаши.