Собраниската комисија за одбрана и безбедност даде зелено светло за продолжување на кризната состојба


Собраниската Комисијата за одбрана и безбедност даде зелено светло за продолжување на кризната состојба за шест месеци односно до 30 јуни 2021, како што предложи Владата заради справување со епидемијата од ковид-19. Сега предлог-одлуката ќе се достави до Собранието кое ќе треба истата да ја потврди.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, не ја оспоруваа потребата да се продолжи кризната состојба, но бараа наместо за шест, тоа да се направи за три месеци односно до 31 март 2021, но предлогот не беше прифатен. Опозицијата исто така бараше извештај од Владата што е искористено во првиот месец од кризната состојба и критикуваше дека не се доволно искористени мерките.

На седницата присуствуваше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој рече дека Владата подготвува извештај за првиот месец од кризната состојба и ќе го проследи до Собранието, како што тоа се прави извештаи се прават уште од 2015 година за кризната состојба на границата воведена поради миграцискиот бран.

„Оваа кризна состојба во овој период од месец дена дава ефекти. Дали тие ефекти се доволни или не, тоа е веќе прашање на дискусија. Ако погледнете не само во нашата државата, туку во регионот, Европа и светот, период во кој се подготвувавме за ковид кризата имавме многу помали бројки и затоа ние говоревме, пред сè експертите во Комисијата за заразни болести укажуваа дека ќе дојде вториот бран, што ќе биде многу полош и за жал тоа ни се случува, но и на целиот свет. Имаме можност, има добри ефекти кои се во делот на кризната состојба, а во делот на тоа што е искористено како капацитет во кризната состојба ќе го добиете во известувањето“, рече Спасовски.

Во врска со предлогот да се продолжи кризната состојба за три месеци, министерот смета дека е многу порационално да се продолжи за шест месеци. Тој на пратениците од опозицијата им порача дека имаат деловнички можност да отворат дебата за сите прашања и ги повика да ја искористат законската можност како членови на собраниската Комисија за одбрана и безбедност да учествуваат во работата на Управувачкиот комитет каде можат да ги разгледуваат плановите, како и да даваат свои предлози.

Владата прогласи 30-дневна кризна состојба на 20 ноември. Потоа, по предлог на Групата за проценка во Центарот за управување со кризи (ЦУК) одлучи да побара од Собрание таа да биде продолжена за шест месеци.