Собраниската комисија за избори и именување пред нова блокада


Фото: Б. Грданоски

 

Собраниската комисија за избори и именување пред нова блокада затоа што нема усогласеност меѓу власта и опозицијата за битни кадровски прашања, за кои изборот оди преку парламентот.

Претседателот на комисијата Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, ги фати на препад пратениците од мнозинството и за денеска закажа продолжение на дури четири комисиски седници со триесетина точки на дневен ред за кои не може да се обезбеди мнозинство за да бидат изгласани.

Едно од прашањата што не е усогласено е за избор на главен државен ревизор, функција што подолго време е испразнета.

Димовски вели дека ги закажал продолженијата на седниците затоа што од владејачкото мнозинство, во неколку наврати, бил обвинуван дека е кочничар на изборот на кадри во институциите меѓу кои се и советите на АВМУ и на МРТ.

Тој потврдува дека точките што се на дневен ред не се усогласени меѓу власта и опозицијата и дека затоа го пролонгирал гласањето за нив.

Сепак, поради тоа што го обвинувале дека е кочничар на процесот решил да ги закаже седниците.

Распоредот на сили во оваа комисија е пата-пата, односно коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ имаат по шест пратеници. Одлучувачки е гласот на пратеникот Фадил Зендели од Беса, кој летоска, во неколку наврати, се приклони кон опозицијата.(А.М.)