Собраниска седница за избор на нова влада на мандатарот Зоран Заев


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието денеска почнува седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот Зоран Заев. Откако пратениците ќе го разгледаат и дебатираат составот на единаесеттата влада, тој треба да биде изгласан најдоцна до утре на полноќ.

За избор на владата е потребно просто мнозинство, односно 61 глас, а владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника.

Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе учествува на дебатата на собраниската седница за изборот на новата Влада и како што изјави партискиот портпарол Димче Арсовски ќе гласа „против“.

Бројот на министерски места во новата влада е намален за седум и сега ќе брои 19 министри и премиер.

Фото: Б. Грданоски

Програмата и предлог-составот на новата Влада, мандатрот Зоран Заев до Собранието ги достави во средата. Покрај него како премиер, членови на Владата ќе бидат и Љупчо Николовски како вицепремиер за борба против корупцијата, Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија, Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура.

Дел од приоритетите на новата Влада, како што соопшти Заев се, трансформација на економијата за забрзан раст и повисок стандард, вложување во јавното здравство, намалување на стапката на сиромаштијата под 16 проценти со посебен акцент на детската сиромаштија, воведување на комунална полиција под ингеренции на локалната власт…

Фото: Б. Грданоски

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе го води Аријанит Хоџа од Беса, предизборниот коалициски партнер на СДСМ, а Горан Милевски од ЛДП ќе биде министер за локална самоуправа и во новата Влада.

Артан Груби од ДУИ ќе биде прв вицепремиер и министер за политички систем, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши останува министер за економија, а Насер Нуредини министер за животна средина. За министер за информатичко општество и администрација е предложен Јетон Шаќири.

Во предлог-програмата на новата Влада предвидено е и намалување на привилегиите на јавните функционери со цел да се спречи злоупотреба на функцијата за лични цели, намалување на буџетските трошоци и зголемување на ефикасноста во вршењето на функцијата.

Предвремените парламентарни избори во Северна Македонија се одржаа на 15 јули. Поради состојбата со коронавирусот се гласаше три дена, под строги здравствени протоколи.