Собраниска делегација во посета на Комисијата за човекови права на Косовското собрание


Делегација на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот на Собранието на Република Северна Македонијa во состав: Фадил Зендели, Сашко Атанасов, Мирсада Емини-Асани, Трајчо Димков, Панчо Минов, Ирена Стефоска, Слаѓана Митовска и Зеќир Рамчиловиќ, претседател на пратеничка група за соработка со Парламентот на БиХ, денеска ќе престојува во официјална посета на Комисијата за човекови права, родова рамноправност, исчезнати лица и петиции на Собранието на Република Косово.

Оваа посета, како што соопшти собраниската прес-служба, е на иницијатива на претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот, Фадил Зендели, по остварената средба со Комисијата на Собранието на Република Косово, одржана на 29 јуни 2018 година во Скопје во насока на продлабочување на соработката на двете сродни комисии.

Целта на средбата е презентирање на најдобрите парламентарни пракси за работа на ова поле, како и презентирање на практики за подигнување на свеста за почитување на човековите права и слободи.

Покрај средбата со членовите на Комисијата за човекови права, родова рамноправност, исчезнати лица и петиции, во рамките на агендата, предвидена е и средба со претседателот на Собранието на Република Косово, Кадри Весели.