Собраниска делегација на состанок на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница во Брисел

Пратениците Бојан Стојаноски, претседател на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика и Димитар Ковачевски, член на оваа Комисија, учествувале на состанок на Парламентарниот пленум на Енергетската заедница посветен на достапноста на електричната енергија и интеграцијата на обновливите извори на енергија, во организација на Секретаријатот на Енергетската заедница, кој се одржал на 24 април 2025 година, во Брисел, во Европскиот парламент.
Покрај Делегација од Собранието, на состанокот учествувале и претставници од националните парламенти на договорните страни на Енергетската заедница, членови на Комисијата за индустрија, истражување и енергија на Европскиот парламент, претставници од Европската комисија и од Секретаријатот на Енергетската заедница.
На состанокот, како што соопштија денеска од собраниската прес-служба, била истакната поддршката за договорните страни на Енергетската заедница во нивната интеграција на единствениот енергетски пазар.
– За тоа се потребни низа реформи и поголема соработка помеѓу парламентите, министерствата, невладиниот сектор, бизнисот и потрошувачите. Значајна улога во процесот на интеграција на единствениот енергетски пазар имаат националните парламенти со носење на потребното законодавство. Иако е постигнат напредок, сепак достапноста на електричната енергија за социјално ранливите семејства, сѐ уште претставува предизвик. Договорните страни на Енергетската заедница сѐ повеќе треба да се ориентираат кон пазарно определување на цената на електричната енергија наместо таа да се одредува на пониско ниво од страна на регулаторните тела, се додава во соопштението.
Во однос на обновливите извори на енергија, било констатирана сѐ поголемата употреба на обновливи извори во договорните страни. Енергетската заедница нуди низа механизми за поддршка на земјите за поголема употреба на обновливите извори на енергија. Покрај енергијата добиена од ветер и сонце, сѐ повеќе треба да се инвестира во геотермални извори на енергија за да Европа стане енергетски независна. Во наредниот период значајни инвестиции треба да се направат и во изградба на капацитети за складирање на вишокот на енергија.
На состанокот свое излагање имал и пратеникот Бојан Стојаноски. Тој истакнал дека во моментов во собраниска процедура е нов закон за енергетика.
– Со неговото донесување се создава законски предуслов за примена на воспоставени меѓународно усогласени правила за прекугранична размена на електрична енергија и гас, учество и поврзување со регионалните и европските пазари на електрична енергија и гас, како и соработка со другите договорни страни на Енергетската заедница и државите членки на ЕУ, заради спречување, подготовка и управување со кризни состојби во снабдувањето со електрична енергија и гас. Енергетското поврзување има огромно значење во обезбедување на сигурност за снабдување со електрична енергија. Во делот на електричната енергија, нашата земја е енергетски поврзана со сите соседни земји освен со Албанија каде Проектот за изградба на далноводот Битола-Елбасан сѐ уште не е реализиран. Во однос на поврзувањето со гас земјава е поврзана само со интерконективен гасовод со Република Бугарија. Во насока на диверзификација на изворите во снабдувањето со овој енергенс, државата пристапи кон проектот за изградба на терминалот за течен гас во Александруполи, Грција. Неодамна беше избрана и компанија која ќе го гради гасниот интерконектор помеѓу двете земји, се вели во соопштението од прес – службата на Собранието.
Во однос на категоријата ранливи потрошувачи и домаќинства што се погодени од енергетска сиромаштија, во новиот Закон за енергетика е предвидена одредба каде Владата на предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, а по претходно мислење на Министерството надлежно за социјална заштита, ќе го задолжи универзалниот снабдувач да ги снабдува овие домаќинства по пониски цени. И со досегашниот Закон за енергетика, се вели понатаму во соопштението, беа предвидени програми за ранливи потрошувачи и домаќинства што се погодени од енергетска сиромаштија. Минатиот месец Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини објави јавен оглас за финансиска поддршка за социјално ранливите категории на семејства. Со оваа мерка, која ќе трае една година, се доделува финансиска поддршка на овие семејства преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија.