Собранието вели дека немало привилегиран однос кон странските новинари


Фото: Б. Грданоски

 

Откако Здружението на новинарите реагираше дека некои од странските новинари за време на изборот на техничката влада имале повластен статус на посебното место во галеријата, Собранието на Македонија одговори дека не станувало збор за такво нешто.

„Во врска со загриженоста што Здружението на новинарите ја изрази и во допис до Кабинетот на претседателот на Собранието, но и преку медиумите, а во однос на седницата што се одржа на 28.01.2024 година, на која беше избрана техничката влада на Република Северна Македонија, ве информираме дека не станува збор за привилегиран однос на Собранието кон одредени новинари, ниту за непринципиелен третман кон новинарите и медиумските работници од домашните медиуми.

Сакаме да истакнеме дека, поради зголемениот интерес на претставници од домашните, но и од странски медиуми, кои уредно беа акредитирани до 26 јануари годинава, беше увидено дека интересот за следење на пленарната седница е значително зголемен во однос на вообичаената пракса, поради што го ставивме на располагање целиот капацитет на галеријата.

Ве уверуваме дека Собранието на Република Северна Македонија останува институција отворена за граѓаните, но и за претставниците на медиумите со кои и досега сме имале конструктивна и плодна соработка, во интерес на нанавремено и доследно информирање на граѓаните и таа соработка во иднина ќе се продлабочува“, се вели во реакцијата на Собранието.