Собранието разгледа повеќе закони, гласањето ќе биде дополнително закажано


Пратениците попладнево ја продолжија 29. седница, на која на дневен ред се повеќе закони од различни области. Кај пратениците генерално немаше интерес за расправа, освен за Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, во прво читање и Предлог-законот за Агенцијата за разузнавање, по скратена постапка. Пратениците не гласаа, а гласањето за законите дополнително ќе се изврши.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека се соочуваат од недостиг на министри и заменици-министри во салата на Собранието, а присуствуваат пратеници.

– Ова е несериозен однос од страна на Владата, имајќи предвид дека седницата е закажана од вчера, рече Мицевски. Тој додаде дека не е првпат да реагираат ваква затоа што нема присуство од страна на Владата.

Според него, претседателот на Собранието Талат Џафери треба да реагира до Владата и да апелира, да ги замоли да присуствуваат на пленарна седница, како предлагачи, како министри или заменици-министри. Тој смета дека е несериозно да се скока по дневниот ред од точка на точка без, како што рече, да знаеме до каде сме стигнати. Тој додаде дека и Џафери се става во една незгодна ситуација, да гледа кој од замениците министри и министри се присутни во собраниската сала за да се разгледуваат тие точки. Мицевски го замоли Џафери да се обезбеди присуство министри и заменици министри и да им укаже на важноста и почитта кон овој законодавен дом за да продолжат со собраниската седница на, како што рече, нормален начин.

Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека се согласува со реакцијата на Мицевски.

– Се согласувам со вашиот став, освен со сугестијата да ги замолам од Владата. Немам намера да молам никого. Тие што се присутни, ќе се разгледуваат точките од дневниот ред. Тие што не се присутни, тогаш ќе го молат Собранието за точките кои ќе бидат на дневен ред. Владата може да го замоли Собранието, Собранието нема да ја моли Владата, рече Џафери.

Џафери уште еднаш појасни дека приоритет има пленарната седница наспроти сите комисии и ги замоли претставниците на Владата да го почитуваат овој приоритет, како што имаат обврска и претседателите на собраниските комисии.

На седницата заврши општата расправа по повеќе предлог-закони во прво читање и беше донесен заклучок дека тие можат да се дадат на натамошно, односно второ читање и до соодветните собраниски комисии, а гласањето по овие закони дополнително ќе се изврши.

Бидејќи немаше претставници од Владата за наредните точки од дневниот ред, Џафери ја прекина седницата и најави дека пратениците дополнително ќе бидат информирани за нејзиното продолжување.

Собранието денеска го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во 2021.