Собранието распуштено, отворен патот за избори на 12 април


Едногласно, со 108 гласови „за“, пратениците на деветтиот парламентарен состав, попладнево ја донесоа одлуката за самораспуштање на Собранието и го отворија патот за предвремени парламентарни избори на 12 април годинава. И во завршните обраќања на претставниците на најголемите парламентарни партии дојде до израз целосната поделеност и спротивставеност.
Образложувајќи го предлогот за самораспуштање на Собранието, Талат Џафери рече дека според појаснувањата кои ги добил од Државната изборна комисија, денес е денот Д за да може да се спроведат сите законски процедури за организирање на предвремените парламентарни избори. Тие беа договорени во октоври лани меѓу лидерите на најголемите партии на средба кај претседателот на државата, Стево Пендаровски, откако земјата не доби датум за почеток преговорите за членство во ЕУ,.
За СДСМ, во изминатите три години парламентот донесе историски одлуки кои се важни за напредокот на земјата.
„За три години овој парламентарен состав помина низ многу премрежја и проблеми, но донесовме значајни и историски одлуки кои ја гарантираат иднината на земјата, нејзиниот напредок и стабилност“, нагласија од СДСМ.
Наспроти ваквите оцени на владејачката партија, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Македонија се наоѓа во тешка политичка криза и хаос, и дека власта е аматерска и непрофесионална.
„Уверен сум дека дека граѓаните тоа и ќе го покажат и ќе го кажат својот суд на 12 април“, рече
Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Во името на ДУИ зборуваше Талат Џафери, кој се заблагодари за можноста да биде првиот Албанец на чело на Собранието во плурална Македонија.
Тој е убеден дека сите одлуки кои биле донесени во изминатите три години се во полза на граѓаните и истакна дека биле реализирани програмските ветувања на неговата партија.
Претходно, во рамки на 131. Седница, без присуство на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието донесе и повеќе закони по итна постапка, како Законот за управување со движење на предметите во суд, Законот за лични податоци, Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, Законот за Инспекторат за јазиците и Законот за урбано зеленило.