Собранието расправа за заем од 25 милиони евра на ЕСМ за ревитализација на хидроелектраните


Фото: Б. Грданоски

АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) ќе се задолжи со 25 милиони евра  кај Кредитната банка за обнова (КФВ) за третата фаза од проектот за ревитализација на хидроелектраните. За Предлог законот за гаранција за заемот од државата денеска расправа Собранието на продолжение на 103. седница. 

ВМРО-ДПМНЕ, како што најави пратеникот Бојан Стојановски, ќе даде поддршка на законот, бидејќи со него ќе се овозможи реализација на третата фаза од проектот, почнат во време на претходната Влада.

И покрај најавената поддршка Стојановски упати критики за менаџирањето на состојбите во енергетиката и задолжувањето на државата. 

-Проектот требаше да биде завршен уште во 2020 година, а АД ЕСМ дури сега се задолжува. Земаме заем од 25 милиони евра за основни средства. Почнуваме да се задолжуваме за работи кои и сами можеме да ги обезбедиме, рече Стојановски. 

Според него, ЕЛЕМ и МЕПСО за само пет години се вброиле меѓу петте најголеми загубари. 

Во реплика, Жаклина Лазаревска од СДСМ истакна дека Владата успешно ја менаџира состојбата во енергетиката и има инвестиции и во услови на криза, истакнувајќи дека само од обновливи избори на енергија има 152 мегавати електрична енергија далеку повеќе од целиот инвестициски капацитет  во 11 години на ВМРО-ДПМНЕ. 

-Во однос на енергетиката, освен што ви пропаднаа сите најави за предвремени избори вашиот водач, тој што му ја грее фотелјата на Груевски, Христијан Мицкоски, се докажа како врвен непознавач на енергетиката, со месеци ширеше лаги и паники меѓу граѓаните и сите негови апокалиптични сценарија пропаднаа во вода. Владата успеа во најнепогодно време да обезбеди стабилно и редовно снабдување со струја, нема никакви рестрикции и работиме на зголемување на капацитетите, рече Лазаревска. 

Дебатата ја одбележуваат меѓусебни обвинувања и за вкупното задолжување на државата и неиздавањето на еврообврзницата.

Рокот на отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од пет години. Каматната стапка ќе се утврдува одделно за секоја транша од заемот при нејзино повлекување. При повлекување на секоја наредна транша се пресметува пондерирана просечна каматна стапка и истата ќе се применува на повлечениот износ од заемот. Заемот ќе се отплаќа во полугодишни рати кои пристигнуваат за плаќање на 30 јуни и 30 декември.

Преку Програмата за обновлива енергија ЕСМ – Компонента I се спроведува ревитализација на хидроелектраните Вруток, Врбен, Равен, Тиквеш, Шпилје, Глобочица, Козјак и Св.Петка. Вкупно се потребни 36,2 милиони евра, а покрај заемот од 25 милиони евра, обезбедени се и 11,2 милиони евра ВБИФ инвестициски грант.

Со ревитализацијата се очекува да се добие зголемување на инсталираната моќност од минимум 13,5 мегавати и зголемено производство на електрична енергија од околу 47,5 гигават часови годишно, намалени трошоци за одржување, зголемена доверливост и стабилност на системот за снабдување со електрична енергија.

Претходните две фази за ревитализација на хидроелектраните исто така се финансирани со заеми, од Светска банка и од  КфВ. Нивната инсталирана моќност изнесува околу 85 проценти од вкупната инсталирана моќност на хидроелектраните државата. Овие електрани учествуваат со просечно производство од 1.280 GWh, односно со нив се обезбедува 20 проценти  од вкупното производство на електрична енергија во државава.