Собранието расправа за финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика


Фото: Б. Грданоски

Собранието  денеска ја продолжи 135. седница во рамки на која расправа по Предлогот на финансиски план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2024 година.

Пратениците од опозицијата посочија дека со предлог одлуката се предвидени 230 милиони денари да потроши Регулаторната комисија за енергетика, што, како што оценија претставува вистинско расипништво и е за 180 проценти зголемување во однос на буџетот за 2018 година. Финансискиот план за РКЕ во 2018 беше околу 80 милиони денари. Во овогодишниот финансиски план најголемата разлика ја прави набавката на деловен простор за што се предвидени 91.475.000 денари, а, како што наведуваат, нема имотен лист за тој простор.

-Граѓаните треба да знаат дека плаќаат 21 951 евро за кафињата на РКЕ, 400 000 денари за изнајмување на печатари од РКЕ, дека бројот на партиски вработени е двојно поголем и оваа година се предвидени уште 10 нови вработувања. Затоа граѓаните плаќаат паушали од 200 денари, вели Мирче Аџиоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата колешка пратеничката Силвана Ангелеска меѓу другото истакна дека во буџетот на РКЕ за годинава за 78 отсто се зголемуваат трошоците за обуки, за службени патувања ставката е 4.400.000 денари, за интелектуални и други услови скоро пет милиони денари, а за плата и надоместоци зголемувањето е за 41 процент од 2023 година со кои се предвидува вработување на 10 нови лица.

Реплицираше претседателот на РКЕ Марко Бислимовски кој кажа дека вкупниот буџет на РКЕ се обезбедува преку процентуален надомест од вкупниот приход на друштвата што вршат енергетска дејност и од наплата за издадените лиценци, кој во 2024 се намалува за 20 проценти.

-Овие 91 милион денари кои ги спомнувате се пари кои што се заштедени од Регулаторната комисија. Значи тие пари се обезбедени од домаќинско и одговорно работење. Не само од нас туку од поранешните состави на РКЕ и се наменети за купување нов деловен простор во рамката на истата зграда каде што сме сега, рече Бисломовски.

Тој нагласи дека РКЕ ќе препорача на Владата истите услови кои што се наведени во стратешките проекти за да нема некаква недоумица да важат и за домашните компании. – Таа формула што важи за Митилинеос да важи и за македонските компании, да важи и за ЕСМ. Истата цена по која што ЕСМ ќе ја откупува електичната енергија од француската инвестиција да важи и за веќе изградените фотоволтаични електрани во државата. Ние таа иницијатива ќе ја истераме до крај заедно со Стопанската комора на Македонија, рече Бислимовски.

Потпретседателот на Собранието Горан Мисовски објави пауза. Пратениците треба да продолжат со расправата за финанскиот план на РКЕ во 14 часот.