Собранието не може да избере уставни судии поради блокадата во Комисијата за избори и именувања


Се опструира работата на Комисијата за избори и именувања и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд, се вели во одговорот од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, на писмото од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието, информираат дека Џафери го добил писмото од претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, во врска со проблемите во работењето на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

„Собранието, согласно своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија. Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, се вели во соопштението од Кабинетот на Џафери.

Претходно, претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска во писмо до Џафери изрази загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време.

Таа во писмото го информира пресеателот Џафери дека постојната состојба „има влијание при одлучувањето кога често се случува предлогот да не го добие потребното мнозинство, поради што во моментот за 16 предмети не може да се донесе одлука поради недоволно мнозинство“.

„Покрај ова, морам да напоменам дека пред Судот треба да се разгледуваат предмети кои се од врвен интерес за државата, а за кои е потребно да се одлучува во полн состав со што одлуките би имале поголема тежина“, посочи Кацарска.