Локалните избори ќе бидат распишани на крајот на јули или на почетокот на август


 

Претседателот на Собранието Африм Гаши најави денес на брифинг со новинарите дека датумот за изборите ќе се распишан на крајот на јули или на почетокот на август. Коментирајќи ја можноста некои од законите што се однесуваат на изборите да не се донесат навреме тој рече дека ако се случи тоа ќе одат на избори со старите решенија. 

Конкретно станува збор за законските измени околу изборот на градоначалниците, околу државното финансирање на кампањите, но и законските измени што треба да одговорат на препораките на ОБСЕ за поголема регуларност на гласањето, нешто што се отвора редовно во цајтнот  и се избегнуваат измените поради немање време да се постигне согласност, поточно поради немањето желба тие препораки воопшто да се усвојат бидејќи навлегуваат во партиските интереси и во изборниот колач. 

„Имаме најава само за Законот за локална самоуправа, дека ќе се организира дебата“, прецизираше Гаши префрлајќи ја топката околу препораките на ОБСЕ на Министерството за правда. Тој притоа изрази уверевување дека поголемиот дел од тие препораки ќе бидат прифатени бидејќи нема некоја суштинска разлика во ставовите на партиите околу нив.

Гаши остана без одговор и околу потребата за ново лого на Собранието, односно за дилемата зошто е неопходна таа иницијатива кога по трагедијата во Кочани треба да има побитни прашања што треба да се покренат. Новинарите ја спореа не само потребата од ново лого (во смисла зошто се мора да се менува и што му фали на старото? ) туку и најавата дека ќе биде модерно, во една од ретките препознатливи стари згради во Скопје.

„Сакам ново модерно лого, прифатливо за сите, поедноставно, порепрезентативно, поинклузивно… што нема да го прават политичарите туку дизајнери и за него ќе решава стручна комисија. Јас немам да учествувам во тоа, само ќе го прифатам изборот“, тврдеше Гаши пред новинарите. 

Во врска со скандалот околу трагедијата во Кочани, кога Собранието се самораспушти две недели и не одржа ни комеморативна седница ниту пак обезбеди донации за настраданите, Гаши рече дека не е точно дека зеле слободни денови бидејќи доаѓале во Собранието, дека расправале и за комеморативна седница и за донации, но заеднички заклучиле дека е подобро секој сам да донира средства место тоа да биде организирано и јавно, а комеморативната седница да не се одржи – за да не биде злоупотребена за отворање други прашања.

„Сакам да истакнам дека на ова прашање дали да има комеморативна седница или не, му пријдовме со големо внимание. На состанок со координаторите на пратеничките групи јас го поставив прашањето и по дискусијата заклучивме дека ако закажам комеморативна седница за трагедијата во Кочани, ќе се отвори прашање зошто немаше комеморативна и за жртвите во пожарот во модуларната болница во Тетово, за жртвите во несреќата во Бугарија и други”, одговори Гаши на денешниот новинарски брифинг.

На забелешката дека впечатокот е дека Собранието се скри во време на најголемата трагедија во Македонија за да си го заштити рејтингот, Гаши рече дека никој не може да зборува во име на јавноста и дека таа треба да процени дали постапиле правилно или не. (С.Ј.)