Собранието ќе ја започне 21. пленарна седница

Собранието на Република Северна Македонија денеска треба да ја започне 21. седница на која на дневен ред се повеќе од дваесет закони, од кои дел се поднесени од пратениците од власта и од опозицијата. Се очекува пред утврдување на дневниот ред, листата на точки да биде дополнета.

Пратениците треба да се изјаснат за потребата за носење на два закона по скратена постапка и тоа: Предлог на закон за дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење.

Пратениците треба да се изјаснат и за измените на Законот за домување, измените и дополнувањата на Законот за железнички систем, на Законот за комуналните дејности, на Законот за поштенските услуги, на Законот за државјанството на Република Македонија, на измените на Законот за личното име и на Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, на измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва, на Предлог на закон за општа безбедност на производите, на Предлог на закон за фитофармација, измените и дополнувањата на Законот за личната карта, како и на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија и на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, сите во прво читање.

На предлог на опозицијата на дневен ред се и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, во прво читање.

Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, до Собранието доставија измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, на Законот за високото образование, на Законот за работните односи, на Законот за административни службеници и на Законот внатрешни работи, сите во прво читање.