Собранието ќе ја почне 43. седница, на дневен ред измени во Изборниот законик, даноците на имот…


Фото: Б. Грданоски

Собранието денеска треба да ја започне 43. седница на која на дневен ред се 55. точки, меѓу кои, нови именувања, закони по скратена постапка, во прво и во второ читање, две интерпелации, ратификации на договори и друго. Дел од точките на дневниот ред се очекува да бидат изгласани на комисиски седници.

На седницата на дневен ред се именување на претседател и членови на Регулаторната комисија за домување, именување на заменик директор на Агенцијата за администрација, Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот – III читање, предлог законите за ратификација на Договорот на НАТО за соопштување на техничките информации во одбранбени цели, на Меморандумот за разбирање помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција во врска со формирање на Управувачки комитет за економска соработка, на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Грција за заемна заштита на разменетите класифицирани информации, на Договорoт за заемна заштита на тајноста на пронајдоците кои се однесуваат на одбраната и за кои се поднесени барања за патентирање, на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за поттикнување и заемна заштита на инвестиции, на Протоколот за измена на Конвенцијата за заштита на лица во однос на автоматска обработка на лични податоци, Дополнет Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиентниот воздух, во второ читање.

Исто така на овие седници се и дополнетиот Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за комуналните такси, Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, Дополнет Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Предлог- закон за изменување на Законот за административните такси, Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за јавен долг, Предлог- закон за изменување на Законот за стоковните резерви, Предлог- закон за изменување и дополнување на Законот за буџетите, Дополнет Предлог на закон за изменување на Законот за данокот на добивка, сите во второ читање и други.

На оваа седница е и Предлог закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, по скратена постапка, во второ читање поднесен од Маја Морачанин, Моника Зајкова, Павле Трајанов, како и предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи, по скратена постапка, во второ читање поднесен од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Предлог-закон за дополнување на Законот за земјоделското земјиште, по скратена постапка, поднесен од пратеници од СДСМ, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република С Македонија, по скратена постапка, поднесен од пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за рамномерен регионален развој, по скратена постапка, поднесен од пратеници од СДСМ и ЛДП, Предлог на закон за изменување на Законот за градежно земјиште, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на лични податоци, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки во областа на одбраната и безбедноста(*), во прво читање, измени и дополнувања на Законот за матичната евиденција, во прво читање и други.

На дневен ред на оваа седница се и Информација за состојбата со Преспанското езеро, Предлог на одлука за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територија на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на постоење на Пандемија прогласена од Светската Здравствена Организација од заразната болест COVID-19 предизвикана од вирусот SARS-CoV-2 и заради спречување од негово ширење во зголемен обем со што се загрозува безбедноста на здравјето на населението, Предлог на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Француската Република кој се однесува на основањето и на активностите на Француската Агенција за развој, на Пропарко и на Експертиза Франција во Република Северна Македонија.