Собранието ќе ја одржи 51-та седница, ќе заседаваат и четири собраниски комисии


Фото: Б. Грданоски

Собранието денеска треба да ја одржи 51-та седница на чиј дневен ред се повеќе предлог-законски решенија од различни области.

Пратениците треба да ги разгледаат и да гласаат по Предлог-одлуката за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Европската Унија „АЛТЕА“, во Босна и Херцеговина, Дополнетиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за трговија, во второ читање, Предлог-законот за дополнување на Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај, по скратена постапка.

На дневен ред на оваа седница се и Предлог-законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители, предлог-законите за граѓанска одговорност за навреда и клевета и за адвокатурата, Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, сите во прво читање.

На оваа седница пратениците треба да ги разгледаат и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за просветната инспекција, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки, Предлог-законот за дополнување на Законот за ловството, сите во прво читање. 

 Во Собранието денеска седници ќе одржат и комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за европски прашања, за труд и социјална политика и за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители, во прво читање е единствена точка на дневниот ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

На предложениот дневен ред на Комисијата за европски прашања се Предлог-законот за заштита на физичките лица во врска со обработката на личните податоци за цели на спречување, истрага, откривање или гонење на кривични дела или за извршување на кривични санкции, предлог-законите за адвокатурата, за граѓанската одговорност за навреда и клевета, за Академијата за судии и јавни обвинители и Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, сите во прво читање.

Членовите на Комисијата за труд и социјална политика треба да ги разгледаат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во второ читање и Годишниот извештај за работењето на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2020 година и финансиските извештаи на оваа институција за 2020 година.

Предлог-законот за дополнување на Законот за ловството во прво читање, поднесен од група пратеници е единствена точка на дневниот ред на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.