Собранието ја вратило интерпелацијата за Талат Џафери – го немало уставното име


Отако собраниските служби ја вратија поднесената интерпелација за спикерот Талат Џафери поради тоа што на неа не било наведено уставното има на државата, ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека тоа било направено неосновано.

„Враќањето на поднесената интерпелација повикувајќи се на усогласување на членот 136 од Деловникот на Собранието и позитивното право е неосновано и спротивно на Деловникот на Собранието на Република Македонија“, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

„Укажуваме дека интерпелацијата и нејзината форма се единствени и дека врз нив не се применуваат одредбите кои што се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон“, истакна Мицевски.

Џафери побара текстот за интерпелацијата за него да биде коригиран во период од 15 дена. Интерпелацијата беше поднесена поради тоа што тој го прекршил Уставот зборувајќи на албански јазик пред европските институции.