Собранието ги отфрли интерпелациите за Тошковски и Исени


Собранието вечерва со седум гласа „за“,  63 „против“ и без ниту еден воздржан  ја отфрли интерпелацијата за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Исто така со четири гласови „за“ и 62 против не ја прифати интерпелацијата против заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени што ја поднесе „Европски фронт“. 

Селективното дејствување врз етничка основа за случувањата на 28 ноември, негарантирањето еднаквост и безбедност за сите граѓани, неспособност за праведност и реторика која ја продлабочува етничката поделба, се само некои од причините за интерпелацијата против министерот Тошковски што ја поднесе коалицијата „Европски фронт“.

Како што рече вечерва пратеникот Елми Езири, образложувајќи ја интерпелацијата во Собранието, Тошковски не ги исполнува своите обврски и затоа треба да понесе одговорност. 

Во дисусијата се вклучи и пратеникот Павле Арсоски од Движењето ЗНАМ, кој е и претседател на Комисијата за одбрана и безбедност, и рече дека е испровициран со некои констатации кои се наведени во интерпелацијата, како на пример дека е нарушена безбедноста и меѓуетничките односи, дека има селективен и едностран пристап на полицијата во инцидентите само кон Албанците, дека не било преземено ништо за запаленото албанско знаме… 

– Интерпелацијата е полна со невистини, извртени констатации и спинови. Ова е обичен дефокус од борбата против криминалот и корупцијата која во моментов се случува во државата, нагласи Арсоски. 

Според него, нема нарушени односи, а проблемот е ДУИ која после 20 години е надвор од власта.

Тој потенцира дека интерпелацијата е комплетно неоснована и за Тошковски и за неговиот заменик-министер и дека полицијата ефикасно ја спроведува работата. 

Интерпелацијата за Исени ја образложи Дијана Тоска која побара одговорност и оставка зашто, како што рече, покажал неспособност да ја извршува функцијата, не успеал да ја зачува безбедноста и придонел за поттикнување на меѓуетничките тензии. Интерпелацијата, истакна Тоска, е повик за правичност и почитување на слободите и правата на граѓаните од страна на институциите, но и повик за мир.

Исени оцени дека интерпелацијата не кореспондира со реалноста и претставува обид за дефокусирање на јавноста од злоупотребите на институциите во изминатите две децении.

– Не успеавте да ја зачувате безбедноста, придонесовте за поттикнување на тензиите, покажавте пасивност и неодговорност, вашиот неуспех за обезбедување еднаков третман од страна на институциите е јасен доказ за неспособноста да се извршува оваа функција. Интерпелацијата е барање одговорност, повик за правичност и почитување на слободите и правата на граѓаните од страна на институциите, ова не е само политичко прашање, туку и прашање на држава која цели да биде демократска, нагласи Тоска.

Таа се осврна на случувањата од 28 ноември, кога, како што рече, „само граѓаните Албанци беа уапсени, а ниту една мерка не се презема за тие што го запалија албанското знаме“.

Исени во одговорот истакна дека интерпелацијата нема врска со неговата работа.

– Чист сум од секој аспект и горд сум зашто никогаш не сум бил инволвиран во ниту една коруптивна афера. Немам криминално досие и не сум искористил класифицирани информации за криминални групи. За вас унапредувањето на Албанците никогаш не било приоритет, приоритет Ви биле отворањето казина, лотарии и игри на среќа за да создадете богатство. Интерпелацијата е обид да се покрие минатото на тие што работеа изминатите две децении и ја злоупотребуваа секоја позиција, подвлече Исени. 

Во рамки на денешната 29. седница, прва оваа година, беа отфрлени и интерпелациите за работата на првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, вицепремиерот Иван Стоилковиќ и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, сите поднесени од „Европски фронт“, а прифатена беше интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути поднесена од Левица.