Собранието ја избра преодната Влада на чело со Оливер Спасовски


Собранието на Република Северна Македонија со 101 глас „за“, без воздржани и против ја избра новата техничка влада, која треба да ги организира предвремените парламентарни избори на 12 април.

Премиер во техничката Влада е Оливер Спасовски, кој откако премиерот Зоран Заев си поднесе оставка, попладнево го доби мандатот од претседателот Стево Пендаровски да ја формира новата влада.

Спасовски во експозето пред пратениците истакна дека нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога од нас се очекува непречено функционирање на сите институции.

– Ова е време кога треба да се организираат фер и демократски избори, но и да се завршат активностите за членство во НАТО и во ЕУ, рече тој.

Токму затоа предводењето на Владата во ваков период за него, како што рече, претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност.

Спасовски до Собранието достави програма за работа на Владата, чија основна цел е организирање  фер и демокрарски избори.

Според Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, Владата во периодот до изборот на следната политичка влада за свои стратешки приоритети ги потврдува успешно организирање слободни фер и демократски предвремени парламентарни избори, полноправно членство на РСМ во НАТО, успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ, развој на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните, реформи во правосудството, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор и градење на граѓанска држава и етничка кохезија врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, намалување на аерозагадувањето, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупцијата, јакнење на владеењето на правото преку непристрасно и недискриминирачко спроведување на законите, изградба на независни институции и функционален систем на локална самоуправа и реформи во образованието и инвестирање во иновации и информатика технологија.

Во техничката влада, министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата е Наќе Чулев, а Рашела Мизрахи, исто така, како кадар на ВМРО-ДПМНЕ го презема министерството за труд и социјала.  Досегашната министерка за труд и социјала Мила Царовска во оваа техничка влада ќе биде вицепремиер за економски прашања.