Собранието ги усвои намалените казни за кривичните дела на функционерите


Фото: Б. Грданоски

Собранието попладнево експресно ги усвои измените во Кривичниот законик со кои се намалуваат казните за злосторничко здружување и за злоупотреба на службена должност и се укинува одредбата за злоупотреба на јавните тендери, како кривичено дело за кое беше препишана казна до пет години. 

Со 48 гласа „за“, 36 „против“, и еден воздржан, Собранието доцна попладнево ги усвои измените на Кривичниот законик предложени од Владата. Измените на Кривичнот законик се донесени по скратена постапка и со европско знаменце. 

Претпладнево, овие измени исто така експресно беа усвоени во две собраниски комисии, без амандмани од опозицијата, која критикуваше, но гласаше за дневниот ред и не се обиде да ги блокира измените.

За употребата на европското знаменце заменик министерката за правда Викторија Аврамовска-Мадиќ рече дека со измените на 38 члена, 35 се поврзани со директивите на ЕУ. Значи целта е усогласување со европското законодавство, истакна Аврамовска – Мадиќ.

Опозицијата ја обвини власта дека овие законски измени ги носи за да ги амнестира оние што го прекршиле законот и очекуваат да се соочат со обвиненија кога ќе заминат од позицијата, игнорирајќи го фактот дека со измените многу од судските постапки против функционерите од бившата влада на ВМРО-ДПМНЕ побрзо ќе застарат, а некои и веднаш.

Денеска експертската јавност реагираше со негативни коментари за овие измени во Кривичниот законик, но нивните брзи реакции не можеа да се мерат со брзината со која беа усвоени измените на Кривичниот законик кој  без најава се најде во процедура. Граѓаните се шокирани кога  се сподели веста дека по брза постапка се протнуваат измени во Кривичниот законик кои предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги.