Собранието го донесе ребалансот на Буџетот – четвртиот пакет мерки од 470 милиони евра може да се реализира


Ребалансот на буџетот, насочен кон поддршка на граѓаните и стопанството од последиците од ковид-кризата, вечерва ја доби поддршката во Собранието. За гласаа 55 пратеници, против немаше, воздржани 24 пратеници.

Неговото носење ја отвора можноста за реализација на четвртиот пакет мерки од 470 милиони евра, насочени кон граѓаните и економијата.

Според министерот за финансии Фатмир Бесими кој го образложи предлогот пред Собранието рече дека ефектуирањето на Четвртиот пакет антикризни мерки зависи од усвојување на овој ребаланс и дека со него се обезбедуваат средства за реализација на мерките.

Со ребалансот се предвидени 4,3 милијарди денари за финансиска поддршка за исплата на плата на вработени во приватниот сектор со надоместок во интервалот од 14.500 до 21.776 денари,во компании кои имаат поголем пад на приходите како последица на пандемијата, 1,6 милијарди денари за инансиска поддршка за ранливи категории погодени од COVID-19 за плаќање на домашни производи и услуги кај
погодениите сектори, 412 милиони денари за Поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, 9,8 милиони денари за поддршка на дејноста туристички водич, регистрирани како самостојни вршители на дејност, 120 милиони денари за враќање на туристичка такса за 2019 година, за остварени ноќевања, 66,85 милиони денари поврат за Викенд без ДДВ, 799 милиони денари за државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка, со што се нуди дополнителна можност за полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, преку преземање на дел од кредитниот ризик и 330 милиони денари за грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година се планирани на ниво од 196,3 милијарди денари и истите се планирани на речиси идентично ниво во однос на планот, имајќи предвид дека со предходните измени и дополнувања на Буџетот истите беа планирани на ниво пониско за 11,5 отсто во однос на иницијалните проекции на Буџетот.

Вкупните расходи се планирани на ниво од 252,8 милијарди денари или за 5,5 отсто, односно за околу 13 милијарди денари повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2020 година пред КОВИД кризата.

Врз основа на вака планираните приходи и расходи, дефицитот е позициониран во износ од 56,5 милијарди денари, односно 8,5 отсто од БДП.

Капиталните расходи се планирани на ниво од 19,1 милијарди денари или за 0,5 милијарди денари пониски во однос на планот за 2020 година, а се резултат на забавени економски активности, пролонгирање на инвестициони вложувања заради изборните дејствија, како и мерки за воздржување од набавки на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, појаси министерот.

Со прифатени амандмани со овој ребаланс, кој е втор годинава, е обезбедена и финансиска поддршка за децата без родители, мапирање стратешки индустриски сектори во регионот на Охрид, изградба на дел од третиот крак за водснабдителен систем во село Липково и водоснабдување во Мала Речица, довршување на филтер станицата во Штип и Карбинци, реставрација на мост во село Уланци, дополнителни средства за одржување археолошки локалитети и средства за организација на резервни офицери.

-Стотици илјади граѓани и илјадници фирми очекуваат од Собранието да го донесе овој Ребаланс, за да можат да ги ползуваат мерките од четвртиот пакет. Четвртиот пакет, кои ќе им ги олеснат ефектите од кризата и ќе им помогнат со соочување на овој втор бран кој се случува, порача министерот во расправата. .

За пратениците од мнозинството ребалансот обезбедува навремена и ефикасна помош за работниците, ранливите категории граѓани, но и за компаниите погодени од коронакризата. Четвртиот пакет мерки изнесува 470 милиони евра за помош на граѓаните и стопанството.

За пратениците од опозицијата тој нема да ги даде резултатите што се очекуваат и дека поддршката како и во претходните ќе биде помата.

Пред гласањето претходеа повеќе процедурални забелешки.

Така, откако заврши расправата по ребалансот на буџетот, беше дадена 30-минутна пауза, по недоразбирање помеѓу координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот на Собранието Талат Џафери за побарано процедурално.

Мицевски, на кој претседателот на Собранието му го одзеде процедуралното, затоа што, како што рече немаше врска со процедуралното, не сакаше да ја напушти говорницата. Пред говорницата на Џафери се придружија и други пратеници, а тој ги замоли сите да се вратат на своите места и да седнат.

-Немојте да замислите ситуација во која ќе повторите некои работи што се случија овде. Се однесува на сите што се обидуваат да ја заземат говорницата и на сите што се заканувате. Не си играјте. Имате Деловник и членови кои пропишуваат. Мене ме избравте со „за“ и против да седам на ова место и да ја водам оваа куќа. Најпотребно што беше спроведовме и договарање и преговарање и составување и динамика, до кога, како, да завршиме со буџетот од аспект на она што е потребата на ребалансот. Пет дена ве слушам и затоа извлеков статистика моја од која 53 пратеници говореле и имајќи предвид дека сме во вонредни услови и водев сметка да биде 1 спрема 1 опозиција власт и да не се почувствува никој запоставен и испадна дека говореле 28 од опозиција и 25 од власт, со исклучок на минситерот. без репликите. Имавме договор дека денес ќе завршиме и сега многу јасно на координација и докоординација, прекоординација прашав, има ли потреба мнозинството да обезбеди мнозинство и сите се согласивте дека нема потреба, бидејќи се работи за буџет. На завршни зборови излегуваме сите надвор за да покажеме дека мнозинството нема мнозинство. Нема мнозиснтво. Сослушајте ме сите од опозиција – кога има договр или има или ќе кажете од почеток дека нема, рече Џафери, кој потоа му даде процедурално на Мицевски.

Во процедуралното што му беше дозволено истакна дека опозицијата ќе биде присутна во салата но нема да гласа за ребалансот, бидејќи сметаат дека мерките не се добро конципирани и дека се лоши.

-Ќе присуствуваме на седницата во интерес на граѓаните, бидејќи сите очекуваат нешто, интерес на сите граѓани е ова да се донесе. Доколку не е во салата опозицијата нема реално доволен број пратеници да се донесе овој пакет мерки и ребалансот, рече Мицевски.

Во интерес на граѓаните, истакна дека нема да побара пауза од 30 минути и дека се надева дека вечерва ќе биде донесен ребалансот, но претседателот на Собранието даде пауза, повикувајќи се дека координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот побарал.

Согласно деловникот на Собранието, за буџет и ребаланс на буџет се расправа пет дена по што се гласа за предлогот.