Собранието ги изгласа додополнувањата на законите за студентски и за ученички стандард


Собранието денеска во рамки на продолжението на 15. седница попладнево го усвои доплнувањата на Законот за студентскиот стандард и на Законот за ученичкиот стандард, по скратена постапка.

Во овие два закони се додаваат нови одредби со кои се регулира начинот на организирањето на дејноста во студентските и ученичките домови во услови на епидемијата.

Исто така, се регулира дека студентите или учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските или ученички домови и им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски или ученички дом, им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до  местото во кое се одвиваат студиите.

Пратениците претходно ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно воспитание, основно и средно образование, по скратена постапка, а го донесоа и Законот за изменување и дополнување на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка.

Пратениците ќе дебатираат и за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, во прво читање, како и измените на Законот за заштита на укажувачи, за измените и дополнувањата на Законот за судските такси, на Законот за автокампови и на Законот за скијалишта.