Собранието ги формираше работните тела
Пратениците денеска со 98 гласови за, четири воздржани и ниту еден глас против ја усвоија одлуката за изборот на составот на работните тела на Парламентот, предлог кој е усогласен со координаторите на сите пратенички групи.
И покрај тоа што дневниот ред за седницата беше усвоен, во расправата по оваа точка пратениците од опозицијата повторно посочија дека се крши процедурата и оти се гласа за персонален состав пред Собранието претходно на парламентарна седница да донесе одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.
Тие истакнаа дека ваква одлука Собранието требало да донесе, бидејќи, како што посочија некои од комисиите би можеле да претрпат измена на број на членови или опфат и делокруг на работа, како на пример комисијата за здравство која би можело да има поголем број членови со оглед на ситуацијата со пандемијата.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова смета дека крајно невообичаено е Комисијата за прашањата на изборите и именувањата да ја супституира улогата на Собранието, и оти секој собраниски состав треба да има сопствена одлука за формирање работни тела, по која ќе се прави изборот на персоналниот состав.
Објаснувањето на претседателот на Собранието Талат Џафери беше дека претходната одлука за формирање работни тела или комисии е на сила, и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, рече Џафери, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави. Вие, им рече Џафери на пратениците од опозицијата, не сте поднеле никаков предлог за дополнување на делокругот на работа или за зголемување на бројот на комисии или членови на комисиите.
Пратеникот Антонио Милошоски смета дека парламентарното мнозинство не ја крши процедурата од незнаење, туку дека можеби се плаши од евентуално отворање дебата за надлежностите на комисиите и евентуални амандмани со кои, како што рече, би се оневозможило собраниската Комисија за европски прашања да остане „комисија за носење закони по скратена постака“, како во минатиот состав.
– Не го потценувам напорот на пратеничките групи и координаторите да усогласат бројка предлози, луѓе кадровски состав… тоа е нивна должност и добро е што го направиле, но тоа не е ја минимизира потребата Собранието да донесе одлука за постојани работни тела Затоа јас и по однос на составот предложен заради прекршување на оваа процедура ќе гласам воздржано, рече тој.
На дневен ред на оваа седница е и верификацијата на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, за што пратениците ќе гласаат по пазуата, на која Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања треба да го разгледа извештајот на Државната изборна комисија.