Собранието ги донесе Законот за Совет на јавни обвинители и Законот за одбрана


Фото: Б. Грданоски

Собранието денес ги донесе и измените и дополнувањата во законите за Совет на јавни обвинители и за одбрана. И двата закони беа донесени без присуство на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
За Законот за Советот на јавни обвинители гласаа 74 пратеници (за неговото  донесување беа неопходни 60 гласа), додека за Законот за одбрана гласаа 80 пратеници (за овој закон беше потребно двотретинско мнозинство).
Јавувајќи се процедурално за збор, пратеничката од независната група пратници на ВМРО-ДПМНЕ, Нора Исмајлова Старова рече дека е лажна перцепцијата која се наметнува од страна на опозицијата, дека со измените и дополнувањата на Законот за одбрана само се менува името на Армијата на Република Македонија, туку дека првенствено со овој закон Армијата и земјата се усогласуваат со стандардите на НАТО и се неопходни да може да се активираат механизмите на алијансата, доколку е тоа неопходно. Што се однесува до името на АРМ, таа потсети дека во Законот за служба во армијата тоа веќе било направено, а за овој закон веќе гласале и седум пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Влатко Ѓорчев и координаторот на пратеничката група на оваа партија, Никола Мицевски.
Во продолжението на денешните активности во парламентот беше усвоен и дневниот ред на собраниската седница за распуштање на Собранието, но претседателот Талат Џафери ја одложи расправата со образложение дека претходно ќе треба да се гласаат неколку законски предлози, меѓу кои и Законот за аудио и аудивизуелни медиумски услуги, по што даде пауза од еден час.
Претходно, за време на паузата, пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција обвини дека начинот на кој се донесе Законот за јавно обвинителство е „врвот на хибридниот режим“.
„Законот не го доби потребниот број на гласови, но гласањето скандалозно и противзаконски беше поништетено. Потоа пак беше ставен на гласање спротивно на Деловникот“, рече Мицевски повикувајќи го претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува Указот за овој закон.