Собранието едногласно ја усвои Резолуцијата за преговорите со Бугарија
Во сенка на собирот за инцијитаивата „Отворен Балкан“, пратениците во Собранието ја усвоија Резолуцијата која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ за одредување на црвените линии во разговорите со Бугарија. Резолуцијата беше донесена речиси едногласно – со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.
Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во реозлуцијата се вметнува официјалното име на државата; вмровските пратеници гласа против.
Ваквиот исход се очекуваше откако СДСМ даде поддршка на Резолуцијата со која се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.
Со оваа Резолуција донесена од Собранието Владата се обврзува да ги почитува црвените линии во преговорите со Софија за надминување на бугарската блокада за почеток на пристапните преговори со ЕУ. И со тоа на одреден начин ќе ги доведе разговорите со Бугарија на едно поинакво ниво, затоа што двете земји ќе имаат зад себе одлуки на собранијата, кои од преговарачите ќе бараат веќе поинаква умешност и други постулати.