Собранието даде амин за “Викенд без ДДВ“

Фото: Б. Грданоски

Собранието денеска во рамки на продолжението на 15. седница со 71 глас „за“, девет воздражни и без ниту еден против го донесе Законот за изменување и дополнувањe на Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица, по скратена постапка.

Со изгласаните законски измени се овозможува да се реализира мерката „Викенд без ДДВ“, дел од најавените антикризни мерки на Владата поради ковид пандемијата.

Пратениците од СДСМ сметаат дека се работи за проект од интерес на граѓаните и вчера повикаа сите пратеници да го поддржат. Проектот „Викенд без ДДВ“, според владејачкото мнозинство, ќе значи пари назад на сметките на граѓаните, поддршка на приватната потрошувачка и зајакнување на домашниот буџет.

Опозицијата, пак, оцени дека законот е напишан набрзина и оти има задоцнетост во неговата примена. Сметаат дека граѓаните нема да имаат никаква корист и забалежуваат дека проектот е наменет само за тие кои имаат „паметни телефони“ и се корисници на апликацијата „Мој ДДВ“.

Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат оваа мерка да биде спроведена во четири викенди, еден во месеците ноември и декември годинава и по еден викенд во јануари и февруари следната година. Така, како што велат, ќе се заштити здравјето на граѓаните и ќе нема турканици во продавниците, а истовремено ќе се зајакнува економијата и ќе се помага на производителите на македонски производи.

Со „Викенд без ДДВ“ граѓаните ќе го добијат назад целиот ДДВ за производите што ќе ги купуваат во претстојниот продолжен викенд меѓу 10 и 12 октомври. „Викенд без ДДВ“ е дел од четвртиот сет на владини антикризни мерки. Проценките се дека околу 350 илјади корисници на апликацијата „Мој ДДВ“ ќе можат да купуваат домашни производи и услуги, компјутери и друга ИКТ опрема во вредност од најмногу 30 илјади денари, а во рок од неколку дена на нивните трансакциски сметки ќе им биде исплатен назад целиот ДДВ.

Преку оваа мерка, според проценките, ќе се оствари промет од 170 милиони евра кои ќе бидат инјекција во стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра преку повратот на ДДВ.

Во законот се наведува дека фискалните сметки кои ќе бидат цел на целосен поврат на данокот на додадена вредност ќе може да се скенираат преку апликативниот софтвер на Управата за јавни приходи најдоцна три дена од рокот на издавање. Враќањето на целосниот износ на данок опишан ќе се врши најдоцна 15 дена од денот на издавање на фискалната сметка.

Пратениците изгласаа и измени и дополнувања на Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, по скратена постапка.

На дневен ред на седницата е Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за финансирање на Проектот за итно справување со Ковид-19 во Северна Македонија, по скратена постапка. И останатите неколку точки од оваа седница се по скратена постапка, како дополнувањата на Законот за студентскиот стандард, и на Законот за ученичкиот стандард.

Пратениците ќе дебатираат и за Предлог-законот за спречување и заштита од дискриминација, во прво читање, како и измените на Законот за заштита на укажувачи, измените и дополнувањата на Законот за судските такси, на Законот за автокампови и на Законот за скијалишта.