Собрание: Платите на собраниските службеници ќе се пресметуваат на нов начин

Пратениците го донесоа и Законот за амнестија, со кој се овозможува алтернативна мерка „условна осуда“ на сторителите на кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“


Фото: Б. Грданоски

Пратениците во рамки на продолжението на денешната 106. собраниска седница ги изгласаа Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието на Република Македонија и Предлог на законот за амнестија, и двата по скратена.

За Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието вкупно гласаа 81 пратеник, и ниту еден воздржан и против. Во гласањето со  Бадентерово мнозинство „за“ гласаа 24 пратеници, ниту еден против и воздржан. Предлог на законот за амнестија, по скратена постапка, пратениците го поддржаа со 76 гласа „за“, и еден „против“.

Со 84 гласа „за“, ниту еден против и воздржан пратениците го изгласаа Предлог на законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Како што посочуваат од собраниската служба за информирање, целта на измените во Законот за Собранието, поднесени од група пратеници од сите пратенички групи, е обезбедување соодветен модел на усогласување на висината на минималната плата во платата на собраниските службеници и избегнување можноста за чести измени на постојниот закон, а со цел постигнување еднаквост во исплата на минималната плата во јавниот и приватниот сектор.

Измените предвидуваат нов начин на пресметка на плата на собраниските службеници,кој е веќе воспоставен и применлив во државата и во кој во основната компонента на плата е вградена и минималната плата.

Со Законот за амнестија, пак, поднесен од група пратеници, се овозможува алтернативна мерка „условна осуда“ на сторителите на кривичните дела „пренесување заразна болест“ и „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик, кои се сторени за време на прогласена вонредна состојба заради спречување на ширењето на пандемијата со коронавирусот.

Во рамки на денешното продолжение на 106. седница, Собранието донесе и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка, по предлог на група пратеници. За предложеното дополнување гласаа 84 пратеници.

По донесувањето на дополнетиот Закон за служба во Армијата, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина 106. Седница и најави дека дополнително ќе ги извести пратениците за наредното продолжение.