„Со зеленило против загадувањето“ во Илинден
Со засадување на листопадни и зимзелени дрвца и озеленување на просторот на повеќе локации, во општина Илинден се реализира еколошкиот проект за почист воздух „Со зеленило против загадувањето“. Како дел од континуираните активности за заштита на животната средина, со активностите од проектот за озеленување опфатени се 16 локации на површина од 130.0000 м2..
Целта на овој проект е преку озеленување на јавните површини во урбаниот дел на Општината, односно покрај пешачко-велосипедските патеки, површини покрај општински улици и патишта, просторот околу домовите на култура, училишните дворови, локалните економски зони, просторот околу детските градинки, површини околу спортските терени и останати јавни површини, да се придонесе за подобрувањето на квалитетот на воздухот, унапредувањето на животната средина, како и подобрување на условите за живеење и квалитетот на живот во локалната заедница.
Заштитата на животната средина како еден од најголемите предизвици на денешницата останува приоритет во работењето на општина Илинден. Грижата за екологијата и здравата животна средина е обврска на секој од нас, па во таа насока одржувањето на озеленетите површини и садниците е грижа и обврска на секој поединец во локалната заедница.
Затоа, отворен е повикот на општина Илинден до сите граѓани, ученици, младинци, пензионери, бизнис секторот, општинските комунални претпријатија, општинската администрација активно да се вклучуваат во реализацијата на проектот „Со зеленило против загадувањето“. Секој од нас да даде личен придонес за заедницата, свој придонес во обезбедувањето почист воздух и поздрава животна средина во насока на создавање подобри услови за живеење за нас, но и за идните генерации.