Го исполнивме аманетот на Конески, рече Ковачевски во Прилеп


 

Го исполнивме аманетот на Блаже Конески и македонскиот јазик е потврден во Европската унија, порача премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски од вечерашната трибина во Прилеп.

„Успеавме да се избориме за нашиот македонски јазик, за нашата единствена татковина, како што вели Конески. Македонскиот јазик е на исто рамниште со сите јазици во Унијата. Македонскиот јазик во ЕУ, признат и потврден, еднаш, засекогаш. Направивме историски исчекор, го потпишавме првиот документ со Европската унија на официјален македонски јазик, чист, без фусноти, без ѕвездички и додавки“, рече пред прилепчани Ковачевски.

Тој рече дека патот до членството на Унијата нема да биде лесен, но дека тоа е единствената иднина за граѓаните од кои ја бара поддршката.

Ковачевски се осврна на континуитет на македонскиот јазик низ вековите притоа потенцирајќи ги делата и умотворбите на Марко Цепенков, граматиката на Круме Кепески, па сѐ до трајната оставштина на кодификаторот, великанот од Небрегово, Блаже Конески.

Зборувајќи за политичките опоненти Ковачевски рече: „Лажеа дека ако го прифатиме ‘францускиот предлог’ и почнеме преговори, македонскиот јазик ќе биде дијалект, со фусноти, дека нема да биде признаен во ЕУ. Со вувузели свиреа во Собранието, ги навредуваа пратениците, ги клеветеа, ги прогласуваа за предавници и на крајот избегаа од собраниската сала. Воопшто и не гласаа. Тоа се истите оние од ВМРО-ДПМНЕ, кои великанот Блаже Конески го нарекуваа џуџето од Небрегово“.

Во тутунарскиот регион тој зборуваше и за тутунот. „Со тутунските комбинати и со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска постигнавме договор за повисоки, рекордни цени на тутунот, за 20 отсто повеќе од минатата година. Годинашните цени на тутунот ќе бидат: прва класа 300 денари, втора 240 денари, трета класа 180 денари и четврта класа 100 денари. Исто, како што ветив и остварив дека за 30 отсто ќе ги зголемиме цените на грозјето“, рече Ковачевски.