Со Уредба Владата го одложи извршувањето на казна затвор за лица осудени до три години


До 1 септември 2020 година се одложува и извршувањето на упатните акти, кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници.

Одложување на извршувањето на упатните акти за извршување на казната затвор на лица осудени до три години и тоа до 1 септември 2020 година, освен за предметите каде постои опасност за застарување на казната, предвидува Уредбата со законска сила, што Владата ја донесе на 38. седница во врска со примената на Законот за извршување на санкциите за време на вонредна состојба.

До 1 септември 2020 година се одложува и извршувањето на упатните акти, кои се веќе доставени до казнено-поправните установи, освен за упатните акти за кои се веќе издадени меѓународни потерници.

Лицата кои се наоѓаат на издржување на мерка притвор по правосилноста на пресудата веднаш се упатуваат на издржување на казната затвор.

Предлог Уредбата, како што се наведува во владиното соопштение се донесува заради заштита од ширењето на болеста КОВИД-19 (корона вирус) во казнено-поправните установи.

На оваа седница е донесена и Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за нотаријатот за време на вонредна состојба во земјата во делот на обврската за одржување на испитите за нотари, со одредби за продолжување на мандатот на органите на Нотарската комора.

На предлог на Министерството за правда, Владата денеска донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за судска служба за време на вонредна состојба, со која вработените во судска служба кои се работно ангажирани за времетраењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение од претседателот на судот.

На вработените во судска служба кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од корона вирус КОВИД-19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.

Истите овие одредби за користење на годишниот одмор, Владата ги донесе и во Уредбата со законска сила за примена на Законот за јавнообвинителска служба за време на вонредна состојба.