Со 40 камиони и 3.500 контејнери почнува офанзива против отпадот во Скопје
Во четврток пристигнуваат 40 камиони за собирање отпад, а до крајов на месецов веројатно Градот Скопје ќе добие околу 3.500 нови контејнери, со што градоначалникот Орце Ѓорѓиевски очекува проблемот со отпадот во главниот град да стане минато.
Тој, одговарајќи на советнички прашња, појасни дека место првично планираните 2.000 контејнери, ќе се набават 3.500, 3.600 контејнери, затоа што успеале да ги набават по цена од нешто повеќе од 9.000 денари, а вели дека во претходните десетина години истите контејнери се набавувале по цена од 24.000 до најевтино по цена од 18.ооо денари.
-Во четвтрок правиме промоција на новите камиони за комунална хигиена кои што конечно ни стигнуваат. Од четврток вечерта веќе ќе почнат да функционираат низ градот- изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека освен овие 40 нови камиони, Градот самостојно и преку донација набавил уште три специјализирани камиони за собирање отпад.
-Освен набавката на камиони од страна на државата преку Град Скопје, по пат на донација добивме еден камион и дополнително уште два коишто ги субвенциониравме ние, имаме три камиони кои самостојно ги набавивме како Град Скопје и „Комунална хигиена“- вели Ѓорѓиевски.
Исто така, тој најави дека од Владата ги очекуваат другите камиони за собирање отпад, а во меѓувреме ќе бидат направени уште две претоварни станици, едната во Карпош, за Карпош и за Ѓорѓче Петров, а другата во Гази Баба, за да се растовари притисокот на постоечките. (Б.Б.)